Разрешен директорот на „Идризово“ и именуван нов; Ковачевски: Станува збор за професионалец
Директорот на затворот „Идризово“, Шпенд Тахири, е разрешен, а на негово место е назначено лице за кое премиерот Димитар Ковачевски рече: „Тој е врвен професионалец“. Станува збор за Зоран Јовановски, кој имал завршено повеќе обуки во странство, рече Ковачевски.
„Донесовме одлука за именување в.д. директор на КПД ‘Идризово’. Досегашниот директор беше разрешен, а за нов директор на затворот на мој предлог е именуван генерал-мајор Зоран Јовановски. Тој има богата професионална кариер, пред сè, во МВР. Во текот на својата професионална кариера поминал обуки во полициска академија во Луизијана, потоа обуки во Германија, во САД, Северна Ирска, Турција, Англија.
Директорот на затворот „Идризово“, Шпенд Тахири, не понесе одговорност за низата скандали што го следат неговото директорување. Разрешувањето доаѓа откако партијата на Тахири, Алтернативата, излезе од Владата.
Пред еден месец „Макфакс“ побара и коментар од Владата дали новите коалиции се поважни од одговорноста што треба да се понесе при нестручно раководење со институциите, но од таму досега не одговорија. Став за најавеното разрешување побаравме и од директорот Тахири, но не одговори на нашиот повик.
Изминативе месеци во затворот „Идризово“ се случија низа скандали. Полицијата правеше претреси по налог на судот и наоѓаше дрога, телефони, недозволени предмети. Имаше и тепачки по што затвореници беа пренесувани во болница. Постоеше и обвинување дека затворски полицајци ноќта пред пречекот на Нова година претепале млад затвореник. Меѓу најголемите скандали беше бегството на Беким Мемети за кое се води и истрага, а во кое осомничени се командир и затворски полицајци.
Тахири дојде на функцијата без искуство во затворскиот систем. За него, Управата за санкции велеше дека му е дадена шанса да се докаже.
„Го предложив за да добие шанса како и секој друг. Го најдов во општина Камењане, ми го препорачаа како голем борец против криминалот и корупцијата“, рече Марјан Спасовски, разрешениот директор на Управата за санкции.

