Регионален извор на Си-ен-ен: Примирјето меѓу Израел и Хезболах е многу блиску
Договорот за прекин на огнот меѓу Израел и либанската милитантна група Хезболах е „многу блиску“, изјави вчера регионален извор за Си-ен-ен.
Според либанското Министерство за здравство, повеќе од 3.000 луѓе загинале во израелските напади од средината на септември, што дополнително ја нагласува итноста за постигнување договор за прекин на огнот.
Регионалниот извор на тој начин сугерира дека договорот е поблиску од кога било, но сè уште не е целосно договорен. Американските и израелските власти предупредуваат дека посредниците се уште не добиле зелено светло.
„Се движиме во таа насока, но се уште има некои прашања што треба да се решат“, изјави портпаролот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за Си-ен-ен.
Според Си-ен-ен, во последните денови Хезболах го разгледуваше американско-израелскиот предлог за 60-дневна пауза во борбите, што некои веруваат дека може да послужи како основа за траен прекин на огнот.
Американскиот претставник Амос Хохштајн одржува разговори со регионалните претставници оваа недела за да се обиде да постигне договор. Во неделата, аналитичарот на Си-ен-ен, Барак Равид, цитираше извор кој вели дека Хохштајн му рекол на израелскиот амбасадор во Вашингтон во саботата дека ќе го повлече своето посредување доколку Израел не одговори позитивно на предлогот за прекин на огнот во наредните денови.
Претходно во неделата, израелски официјален претставник изјави за Си-ен-ен дека Нетанјаху одржал безбедносни консултации во врска со предлозите за прекин на огнот.