| |

Регионалната соработка и добрососедските односи клучни во процесот на проширување на ЕУ

Регионалната соработка и добрососедските односи се од суштинско значење на патот кон членство во Европската унија. Нацрт-стратегијата за проширување предвидува замрзнување на преговорите доколку земјите-кандидати се отстапат од основните европски вредности. Политиката на проширување, како што се нагласува, останува заснована на сопствените заслуги на државите кандидати.

Ова се наведува во нацрт-извештајот за стратегијата за проширување на Европската унија, подготвен од Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент (AFET), чиј автор е известувачот Петраc Аустревичус, јавува БГНЕС. Документот формулира низа клучни принципи кои земјите кандидати треба да ги следат во процесот на пристапување.

Проектот бара построги услови, меѓу кои и можност за замрзнување на преговорите при назадување од основните европски вредности, а нивното продолжување би било дозволено само по јасно докажан напредок. Исто така, се предлага создавање мониторинг-група при Европската комисија, која би ги следела земјите што покажуваат влошување во демократското управување.

Во текстот се бара Европската унија да воведе јасни и предвидливи рокови за земјите кои најмногу напреднале на патот кон членство, со цел да се избегне губење доверба и застој во реформскиот процес. Проширувањето, се истакнува, треба да се случи веднаш штом сите услови ќе бидат исполнети.

Предпристапната финансиска помош – вклучително и механизмите за Западен Балкан, Украина и Молдавија – е определена како клучен инструмент за институционална и економска трансформација. Нацрт-документот бара строго почитување на условите за користење на средствата, особено во областaта на владеењето на правото.

Извештајот, исто така, го нагласува значењето од вклучување на земјите кандидати во европските иницијативи за поврзаност, транспорт, енергетска инфраструктура и воена мобилност, со цел да се зајакне безбедноста на континентот во услови на променета геополитичка средина.

Во документот се потенцира дека регионалната соработка и добрососедските односи се клучни на патот кон членство во ЕУ, а билатералните спорови меѓу земји членки и земји однадвор не треба да се користат како средство за блокирање на преговорите.



Слични Објави