РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ВЛАДА-НОВА БУРЛЕСКА!
Веќе имаме реконструкција на Владата. Стариот премиер, во стил на селектор, направи нова екипа на министри. Смени неколку имиња. Стратегијата останува иста, поразителна за Македонија. И понатаму се мисли само на тесни лични и партиски интереси и се тежнее кон уништување и на она малку добро што функционира уште. Па што воопшто и очекуваме? Нешто да појде на подобро? Да не се залажуваме. Нели повторно се ставаат главни на ресор луѓе што никогаш и немале допирна точка со таа дејност, тешко и на ресорот и на луѓето под министрите, професионалците, кои повторно ќе треба да бидат на висина на задачата, само нешто да се спаси.
Штом се станува министер, со празна биографија и без било какво работно искуство, нема тука напредок. Или пак можеби тие ќе бидат на обука како практиканти или чирачиња, што треба да го печат министерскиот занает? А можеби се подготвени, во топ форма, само до сега немале можност да се изразат? Па како така, се става на трефка, од ракав за позиција што му се бендисува на идниот кандидат за министер? Нели партиите се легло на квалитетен кадар, кој им ја препознава политиката и идеологијата и воодушевен од истата им се става на располагање? Од ова што го гледаме, немаат кадар ниту за највисоките политички функции во државата, а не камоли за заменички или директорски места. А истите тие ги востановија, само да задоволат повеќе партиски војници.
Луѓе не може вака. Не датум за преговори, туку ни во посета веќе нема да ни доаѓаат Европејците. Ќе не заобиколуваат во широк лак или ќе не прелетуваат на небото, што и онака други ни го бранат. Или како францускиот амбасадор, гневни ќе си заминуваат од настаните каде има наши функционери, само за да си го сочуваат душевниот мир? Европа, јасно и гласно ни кажа дека датум за преговори НЕМА! Додека имаме корупција, криминал и други проблеми во функционирањето, ние како држава сме им непожелни. А Владата, без било каков политички sense за реалноста и потребата за преземање на радикални мерки на менување на подобро, си гурка по старо, само со ширење на лажни пропаганди и лажни ветувања дека се е во полза на граѓаните. А граѓаните-ГИ НЕМА! Можеби тоа масовно иселување на нашиот народ ни го примора Премиерот да го земе и ресорот на финансии. Токму ресорот каде се располагаат народните пари. Во стил на трезорист, главен кралев благајник ќе ни ги насочува парите кон граѓаните. Ќе бидеме Швајцарија на Балканот, со сите оние пари што по разни основи ќе ни се враќаат. Но можеби Премиерот има друго на ум? Она што го ветуваше дека ќе има намалување на бројот на министерства, ќе го изведе на друг начин. Бројот на министерствата ќе остане ист, само ќе го намали бројот на министрите. Тој ќе ги покрие и тие работни места. Само најверојатно за зголемена плата, која би била сатисфакција за времето поминато на работа, а одделено од семејството. Се се става на кантар! А тоа што заменикот министер за образование ја напушта функцијата, во предвечерието на реконструкцијата, кажува колку всушност бродот тоне. Кога не се гледа излез од ситуацијата, најдобро е да се сочува името и угледот.
Сите оние што се визионери и оптимисти, веќе јасно воочуваат на што сме. А состојбата-за плачење. Останува само парламентарното мнозинство со фанфари да ја протне реконструкцијата во Собранието, како нешто најдобро што ни се има случено со месеци. И пак ќе заборавиме на датум за преговори и на предвремени избори. И ќе си западнеме во сивилото и монотонијата, со мислите насочени кон иднината, што вака поставено, ќе ни биде уште поцрна. Епа сега, ајде израдувајте се на новата Влада! Ако воопшто уште имате сили за радување и славење! И ако имате причина за тоа!
Автор: Перица Спасовски, претседател на ГДУ-Куманово
