СТОЛТЕНБЕРГ СЕ НАДЕВА МАКЕДОНИЈА ДА СТАНЕ ДЕЛ ОД НАТО ВО ДЕКЕМВРИ
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг пред почетокот на министерскиот состанок за одбрана кој ќе се одржи утре и задутре во Брисел и на кој учествува македонската министерка за одбрана, Радмила Шеќеринска, истакна дека се надева до декември Македонија да стане дел од Северноатлантскиот пакт.
Столтенберг изјави дека сите сојузници го потпишале пристапниот протокол во февруари и потоа ги почнале ратификациите. Тој додаде дека не зависи од него колку брзо ќе тече тој процес, но подвлече дека се надева истиот да заврши во декември кога во Лондон ќе се состанат лидерите на Алијансата.
Столтенберг нагласи дека Македонија ги исполнува стандардите за членство во НАТО и повторно ги пофали премиерите на Грција и Македонија за нивната храброст во решавањето на спорот за името.

