Бугарија договори стратешко партнерство за обезбедување финансирање за изградба на 7 и 8 блок на АЕЦ „Козлодуј“
Бугарија направи решителен чекор кон реализација на својот најголем енергетски проект во последните децении. Министерот за енергетика Жечо Станков и делегацијата што ја предводеше во Њујорк ги одржаа финалните разговори со раководството на американската банка Citi. По детална анализа на техничкото решение, двете страни го договорија партнерството меѓу АЕЦ „Козлодуј – Нови моќности“ и Citi за обезбедување на финансиската поддршка потребна за изградба на нови нуклеарни капацитети на постојната локација на бугарската атомска централа, јавува БГНЕС.
„Договорот со Citi претставува суштински чекор кон успешно спроведување на овој приоритетен енергетски проект. Изградбата на 7-ми и 8-ми блок, кои ќе бидат првите реактори во Европа со технологијата AP1000 на Westinghouse, ќе ја гарантираат енергетската независност и долгорочната стабилност на нашата земја“, изјави министерот Станков на средбата со Стефани фон Фридебург, глобален директор за банкарство во јавниот сектор на Citi.
Осигурувањето на одржливи извори на финансирање е важен елемент од стратегијата за успешна трансформација на енергетскиот систем во контекст на европските цели за енергетска и климатска сигурност.
„Со докажаното искуство и силната мрежа на Citi, ќе обезбедиме цврста финансиска рамка за испорака на безбедна, одржлива и достапна енергија за идните генерации“, истакна Петјо Иванов, извршен директор на АЕЦ „Козлодуј – Нови моќности“ ЕАД.
Улогата на Citi како исклучителен координатор и организатор на извозниот кредит претставува најголем проект за финансирање на нуклеарна енергија на банката во Централна и Источна Европа.
„Citi е горда што е на чело на финансирањето на нискојаглеродни енергетски решенија. Проширувањето на АЕЦ ‘Козлодуј’ е значаен проект, еден од првите со ваков обем во регионот. Ова е клучен проект за енергетската иднина на Бугарија и Citi се обврзува да го вложи целиот свој експертски потенцијал за негова реализација“, изјави Стефани фон Фридебург.
Партнерството со Citi е доказ за силната доверба на меѓународните финансиски институции во Бугарија и нејзиниот енергетски сектор. Овој договор е уште еден показател дека земјата станува активен чинител во креирањето на новата енергетска архитектура на Европа.

