РЕМЕНСКИ НЕ СЕ ЧУВСТВУВА ВИНОВНА ЗА СЛУЧАЈОТ „РЕКЕТ“, ЗАЕВ ОЧЕКУВА ДА СЕ ДОКАЖЕ НЕЈЗИНАТА НЕВИНОСТ
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинение за случајот „Рекет“ против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски – Кичеец, но и ја прошири истрагата за случајот, а новоосомничени во случајот се и пратеничката Фросина Ременски, таткото на Боки 13, Миле Јовановски и потпретседателката на Меѓународниот сојуз Јасна Мандиќ.
За Ременски, која вчера истакна дека не се чувствува виновна и оти очекува Обвинителството да го докаже тоа што и го става на товар, судија на претходна постапка одреди мерки на претпазливост. Одземен и е пасошот, има забрана да го напушти Скопје, како и обврска секоја недела да се јавува во Суд.
На прашање како ја коментира изјавата на премиерот Зоран Заев дека може да ја исклучат од партијата и од сите функции, Ременски рече дека СДСМ има етички кодекс на однесување на функционерите и оти се потписници на изјави на тој кодекс.
Заев, на заедничката конференција со словенечкиот премиер Марјан Шарац, истакна дека очекува да биде докажана невиноста на Ременски за да може таа повторно да се врати во органите и телата на СДСМ.
Претходно, премиерот наведе дека кога некое лице ќе биде осомничено, обвинето или слично тогаш ќе ја применуваат мерката на санкции, што значи времено отстранување на тоа лице за да ја докаже својата невиност.