|

Ристовска: ДКСК останува посветена на законските обврски

Новоизбраната заменик претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, истакна дека институцијата ќе продолжи да ги исполнува своите законски надлежности, без оглед на актуелните настани поврзани со поранешната претседателка Татјана Димитровска.

„Надлежностите согласно закон продолжуваме да ги извршуваме. Во однос на ситуацијата, веќе постапуваат надлежни органи“, рече Ристовска по денешната седница на ДКСК.

Таа беше избрана на 21. седница на Комисијата и на 21 август ќе ја преземе функцијата од Билјана Каракашова Шулев, со шестмесечен мандат. Заменик претседателот се избира по принцип на ротација според азбучен ред.

Позицијата претседател остана испразнета по оставката на Димитровска, обвинета од Обвинителството за гонење организиран криминал за оддавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ, обвинет во случајот „Адитив“, како и за компјутерски фалсификат – тест за сертификат за државна тајна положен од ревизор во нејзино име.

Собранието на 1 август објави јавен оглас за избор на нов претседател. Огласот завршува денес, а досега пристигнале околу десет кандидатури. Постапката за избор ќе продолжи по 3 ноември, по завршување на локалните избори.

Слични Објави