Роковник за локалните избори 2025: јавен увид, едукација и подготовка
Државната изборна комисија (ДИК) со распишувањето на изборите на 9 август го објави Роковникот за локалните избори што ќе се одржат на 19 октомври.
По добивањето на избирачкиот список од МВР, јавниот увид ќе трае од 23 август до 11 септември. Во овој период граѓаните може писмено или електронски да побараат запишување, дополнување или бришење на податоци, приложувајќи соодветни докази. „ДИК е должна да одговори на секое барање во рок од 24 часа“, а ако граѓанинот не е задоволен од одговорот, може да поднесе тужба до Управниот суд, кој решава во ист рок.
По завршување на увидот, партиите до 11 септември може да побараат копија од списокот и да достават забелешки до 19 септември. Заклучувањето на списокот е предвидено за 26 септември, а потпишувањето на конечните изводи – најдоцна до 3 октомври.
Паралелно, ќе се спроведува задолжителна обука за изборните органи и информативни кампањи за фер избори. Според Роковникот, кампањите ќе бидат „во пристапен и достапен формат и јазик како и на знаковен јазик, во траење од 30 секунди на секои 3 часа“. Медиумите се должни бесплатно да ги емитуваат, одвоени од другата програма и со јасно означен нарачател.

