Филмот „Стадото“ на Милко Лазаров е бугарскиот кандидат за Оскар
Филмот „Стадото“ во режија на Милко Лазаров е избран како бугарска номинација за претстојните 98. награди на Американската филмска академија во категоријата Меѓународен долгометражен филм, објави Националниот филмски центар на Бугарија, пренесува БГНЕС.
Одлуката ја донесе петчлена стручна комисија во состав: Мира Сталева – претседател, и членовите Стефан Командарев, Жаклин Вагенштајн, Мартичка Божилова и Савина Петкова.
„Стадото“ е трет игран филм на Лазаров и ја имаше својата светска премиера во официјалната селекција на престижниот филмски фестивал BFI во Лондон. Лентата беше прикажана на бројни светски и регионални фестивали, а на фестивалот во Калкута, Индија, освои две награди – за Најдобар филм и наградата на FIPRESCI.
Заплетот го следи вечниот судир меѓу доброто и злото преку приказната за Тарика – девојче со посебни вештини, кое живее во пограничен регион каде различни етнички заедници на прв поглед живеат во хармонија. Но, кога мистериозно почнуваат да умираат домашните животни, суеверните селани ја обвинуваат Тарика за несреќите и решаваат да ја убијат.
Во главните улоги се Весела В’лчева и Захари Бахаров, а во филмот играат и Иван Савов, Иван Б’рнев, Валерија Врбанова, Христос Стергиоглу и други. Сценариото е дело на Екатерина Чурилова, Симеон Венциславов и Милко Лазаров, додека директор на фотографија е Калоjaн Божилов.

