13 јануари – Ден на бугарското кино
На 13 јануари – датумот на првата јавна проекција на филмот на легендарниот кинематографски пионер Васил Гендов „Б‘лгаран е галант“, бугарската филмска заедница го чествува својот професионален празник.
Во немиот црно-бел филм за љубовните неволји на бонвиванот Б‘лгаран, Васил Гендов е сценарист и ја толкува главната улога. Партнер му е Мара Липина. Камерманот Гаетано го снимил филмот за 6 дена пред куќата на претприемачот Димитар Саселов на улица „Славјанска“ бр. 9 во Софија. Пред таа куќа за прв пат е поставена камера за бугарски игран филм. Апаратот е систем „Пате“, купен половно од Будимпешта.
Дејствието на филмот се врти околу љубовните неволји на бонвиванот Б’лгаран. Додека шета по Софиските улици, среќава убава млада дама и почнува да ѝ се додворува. Се обидува да ја импресионира купувајќи и цвеќе. Таа решава да му одржи добра лекција на натрапникот и му нуди да ја придружува низ пазарот. Таа купува и преправајќи се дека си ги заборавила парите – бара Б’лгаран да и позајми. Дамата го носи својот додворувач во ресторан и нарачува пијалоци и јадење на негова сметка. По гозбата го товари кавалерот со пакетите и го носи дома. На патот, го среќава својот сопруг и му предлага да фатат пајтон, ослободувајќи го „носачот“. Двајцата се возат пред запрепастениот Б’лгаран, а како благодарност тој добива само една монета. Самиот филм не е зачуван на лента до ден-денес. Се верува дека е изгубен во 40-тите години на ХХ век при бомбардирањето на Софија за време на Втората светска војна, а од него останале само 1-2 кадри.

