МВР: Не водиме постапка против Ивановска, Обвинителството постапува по приватна пријава
Министерството за внатрешни работи соопшти дека против поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска, не води никаква постапка.
„За сите пријави и постапки кои што ги води Обвинителството, тоа е единствено надлежно за одговори во врска со истите“, наведуваат од МВР.
Претходно, Ивановска објави дека синоќа полицајци дошле на нејзиниот дом за да ѝ врачат кривична пријава, но таа не била дома. „11 часа по објавувањето на мојата кандидатура за градоначалничка на општина Центар, полицајци затропаа на мојата врата“, напиша таа.
Од Основното јавно обвинителство Скопје информираа дека постапуваат по приватна кривична пријава поднесена на 18 февруари 2025 година. „Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје постапува по приватна кривична пријава поднесена на 18.2.2025 година и презема дејства за да ги провери наводите. Како едно од дејствата е испитување на наведеното лице, кое во периодот на кој се однесува пријавата била претседателка на ДКСК. Поканата за испитување од Обвинителството е испратена на 25.7.2025 година и на ниеден начин не може да се доведе во релација со политичките активности на поканетата“.
