РОЧИШТЕТО ЗА „НАСИЛСТВО ВО ЦЕНТАР“ ОДЛОЖЕНО ЗА 6 ФЕВРУАРИ
Судењето за насилствата пред општина Центар продолжува на 6 февруари, откако на денешното рочиште беа изведени материјални докази предложени од Специјалното јавно обвинителство, јавува РСЕ.
Одбраната побара судот да не ги прифати доказите оти поголем дел од нив биле без архивски број и заверени.
Јавниот обвинител Гаврил Бубевски презентираше и два аудио разговори. Во една од “бомбите” во разговор меѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски се слушна како поранешниот премиер му кажува на Јанакиески “во петок градоначалникот Жерновски да изеде неколку шамари” на што Јанакиески му вика дека може да се изведе тоа и дека ќе организира протест.
Во другата снимка од 2013 година меѓу Орце Камчев и Миле Јанакиески Камчев се интересира за состојбата со ДУП-овите во општината.
За насилствата пред општина Центар на 10 јуни 2013 година, се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова, тогашниот советник во општина Гази Баба Александар Трајковски и уште осум други лица.