Родопска зимска приказка в Баните – филмски проекции, базар и родопски качамак
Општина Баните во Родопите ги пречекува своите бројни гости со празнична зимска програма што ги обединува природата, традициите и божикниот дух. До крајот на декември, селата и малите планински населби во општината оживуваат со разновидни настани – од божикни базари со локални занаети и традиционални родопски специјалитети, до концерти, театарски претстави и филмски проекции за деца и возрасни, јавува БНР.
На 20 и 21 декември 2025 година се планирани специјални проекции во рамките на „Баните Филм Фест“, магично шоу и хуманитарен училишен базар. Во исто време, љубителите на спортот ќе учествуваат во одбележувањето на 20 години хокеј на трева во регионот, со што двата дена ќе се претворат во вистински празничен мозаик.
До крајот на месецот, посетителите на општина Баните ќе можат да се вклучат во мајсторски работилници за рачно изработени сувенири, да дегустираат традиционални колачи подготвени по стари рецепти, како и да ја почувствуваат магијата на планинската зима меѓу заснежените врвови на Родопите. На 27 декември, локалната кулинарска мајсторка Маријана Емилова ќе подготвува родопски качамак во живо за сите гости.
Празничната програма опфаќа и концерти на хорови и музички состави, кои ќе ги исполнат плоштадите со празнични мелодии и фолклорни ритми. Предвидени се и традиционални обичаи, како носење сурвакници, демонстрации на родопски танци и празнични поворки, кои ќе донесат музика, смеа и заеднички дух.

