| |

Романија подготвена да ѝ помогне на Молдавија во случај на напад од Русија

Началникот на Романската армија, генерал Георгицa Влад, изјави во интервју за „Евроњуз“ дека Романија би можела да ѝ помогне на Република Молдавија во случај на напад од Русија, врз основа на законот што ја обврзува државата да ги заштити своите граѓани, дури и надвор од националните граници, јавува БГНЕС.

Влад истакна дека новиот закон за одбрана е од особено значење во сегашниот безбедносен контекст и увери дека Романија е целосно подготвена да се брани, но и да ја поддржи Молдавија ако се појави потреба.

„Романската армија ѝ помага на Република Молдавија и на нејзината армија во развојот на соодветни одбранбени способности. Имаме бројни заеднички тренинг-програми, програми за развој на способности и обезбедуваме помош за изградба на одбранбениот капацитет на молдавската армија. Романија останува верен сојузник на Република Молдавија и апсолутно ќе ѝ помогне во случај на напад,“ нагласи Влад.

Тој потсети дека румунската држава, според закон, е должна да обезбеди помош за своите државјани надвор од земјата во случај на конфликт. „Романија располага со политички, воени и други инструменти за да ја поддржи Молдавија, особено романските граѓани што живеат таму,“ додаде началникот на армијата.

Влад, сепак, изрази увереност дека Русија нема да изврши директен напад, но предупреди дека хибридната војна што Москва ја води против регионот мора да биде сопренa.

Според податоците објавени од претседателката на Молдавија, Маја Санду, околу еден милион граѓани на Република Молдавија успеале да го обноват своето романско државјанство.



Слични Објави