Рот: Уставни измени за продолжување на преговорите со ЕУ нема да бидат на штета за ниту еден Македонец

/

Уставните измени се неопходни за Северна Македонија да ги продолжи пристапните преговори со ЕУ, но истовремено Унијата треба да ја зајакне својата улога и позицијата во земјата и да им покаже на младите дека тоа вреди. Оваа порака вчера во Скопје ја упати германскиот пратеник и претседател на Комисијата за надворена политика во Бундестагот Михаил Рот, кој исто така рече и дека никој нема право да се меша во културниот идентитет.

Рот имаше средба со претседателот на државата Стево Пендаровски, со претседателот на Собранието Талат Џафери, со претседателот на Комисијата за надворешна политика Антонио Милошоски, а во текот на денот и со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Германскиот пратеник на средбата со преседателот Џафери нагласил дека неговата посета се реализира како поддршка на следните чекори кои Собранието треба да ги преземе за непречен тек на процесот на преговори за членство во ЕУ. Изразувајќи целосно разбирање за фрустрациите и разочараноста од актуелните случувања, Рот потенцирал дека ЕУ нема право да се меша во јазичниот и културниот идентитет на Македонците и тоа мора да се почитува.

„Во однос на претстојните уставни измени за влегување во следната фаза од преговорите за членство во ЕУ, го искажа ставот дека треба да се исполнат преземените обврски и дека тоа нема да биде на штета на ниту еден Македонец или Македонка во земјата, а Германија ќе стои цврсто зад спроведувањето на ветувањата кон земјата дадени од Европската унија, за забрзување на евроинтеграцискиот пат кој не е само во корист на регионот, туку е во корист на сите земји членки на Унијата“, се посочува во соопштението.

Во изјавата за медиумите по средбата со претседателот Пендаровски, Рот само го потврди ова изразувајќи задоволство што е тука повторно, особено како што кажа, во овие тешки времиња кога може да почуствува фрустрација и разочараност од ЕУ.

Германскиот пратеник рече дека земјава вложи многу на патот кон ЕУ и токму сега Унијата има обврска да биде поприсутна во Северна Македонија, да биде повидлива, повеќе да се ангажира, да обезбеди перспектива и повеќе работа за младите за да знаат дека вреди.

Затоа е сега многу важно уште еднаш да се предочи и да биде јасно дека ЕУ не претставува само внатрешен пазар и заедница која што има една валута туку дека таа е заедница која има културна и јазична разновидност и дека никој нема право да се меша во културниот идентитет. Ниту еден договор нема да може никогаш да промени нешто од ова основно начело на коешто се базира ЕУ, рече германскиот пратеник Рот.

Изрази надеж дека во македонскиот Парламент ќе можат да се создадат предуслови да се продолжи, како што кажа „ангажирано со пристапните преговори“.



Знам дека на многумина воопшто не им паѓа лесно кога станува збор за тие уставни промени, но секој треба да си го постави прашањето – не како може јас да и помогнам на мојата партија, туку како може јас да и помогнам и да придонесам за мојата земја, потенцира Рот.

Неговата порака до политички одговорните лица во земјата сега е дека треба да продолжат понатаму со напредокот со следните чекори, да ја засилат демократијата, да продолжат со борбата против корупцијата и непотизмот, да создадат работни места, но исто така, пред се, сега и ЕУ треба да ја врати довербата што е изгубена и да не остане само на празно ветување.

Значи, таа треба да направи нешто конкретно, треба да продолжи поддршката на економски и на политички план особено во време на ваква криза бидејќи ние сите сме загрозени и сите ние се наоѓаме во истиот брод. Сега треба да покажеме солидарност пред се со Западен Балкан особено со луѓето во Северна Македонија, смета Рот, целиот напис можете да го видите овде.

Извор: frontline.mk



Претходна статија

Зеленски повторно на средба со раководствата на армијата и службите за безбедност

Следна статија

Украина: Им нанесовме голема штета на Русите на југот

Најново од Вести