РСБСП: БИДЕТЕ КУЛТУРНИ И ТОЛЕРАНТНИ УЧЕСНИЦИ ВО СООБРАЌАЈОТ, СЕКОЈ ДЕН!

/

Сообраќајната култура е специфичен вид на култура која треба да ја поседува и секојдневно да ја практикува секој учесник во сообраќајот, пренесува Плусинфо.

Сообраќајната култура е мошне важен елемент на безбедноста во сообраќајот и не претставува само познавање на сообраќајните правила и прописи и поседување на вештини и умеење да се управува со возило, туку истовремено претставува и навика на нивно редовно и безусловно почитување и применување. Со други зборови, сообраќајната култура претставува начин на перцепирање на односите во сообраќајот, начин на движење и однесување во сообраќајот кој треба да биде во насока на исполнување на општите и заеднички интереси на сите учесниците во сообраќајот, а тоа е непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.

Културата и етиката во сообраќајот се учат од мали нозе. Самиот процес на едукација е далеку полесен од процесот на промена на навиките и културата во сообраќајот. Токму затоа неопходно е да ги учиме децата на сообраќајна култура од најрана возраст. Искуството покажува дека ги учиме децата на многу работи, а недоволно ги учиме за тоа како да бидат безбедни и примерни учесници во сообраќајот. Сообраќајната култура е дел од личноста на еден човекот и претставува одраз на неговиот карактер и како човек и како учесник во сообраќајот.

Карактеристично е тоа што најголем дел од учесниците во сообраќајот се единствени во ставот дека сообраќајната култура и етика не се на потребното и на посакуваното ниво, но за жал, речиси сите ги бараат причините, вината и пропустите кај другите, а истовремено заборавајќи дека сообраќајот е сложен систем, мозаик во кој сите ние партиципираме.

Учество во сообраќајот е дејствие кои сите ние секојдневно го реализираме како пешаци, велосипедисти, мотоциклисти, возачи на моторно возила, патници, итн.

За сите учесници во сообраќајот постојат јасно дефинирани и прецизни правила и прописи кои сите треба да ги знаат, но и да ги почитуваат. Унапредување на културата, етиката и толеранцијата во сообраќајот значително ќе придонесе за побезбеден и посмирен сообраќај, односно ќе придонесе за помалку сообраќајни незгоди, помал сообраќаен метеж и помалку настрадани лица на улиците и патиштата.



По повод 11-ти Мај, Денот на културата во сообраќајот, РСБСП апелира:

„Повисоко ниво на култура во сообраќајот е неопходна со цел намалување на бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди. Да се почитуваме меѓу себе, како луѓе и како учесници во сообраќајот, и да изградиме систем на општествени вредности во кој културата и етиката во сообраќајот ќе имаат важно и водечко место. Секое незнаење, некултура и непочитување има цена, но незнаењето, некултурата и непочитувањето на правилата и прописите во сообраќајот чинат изгубени човечки животи.

Бидете внимателни, одговорни, културни и толерантни учесници во сообраќајот, денес и секој друг ден!



Претходна статија

МИГРАНТИ ПАДНАЛЕ ВО ЈАМА КРИЕЈЌИ СЕ ОД ГРАНИЧНАТА ПОЛИЦИЈА ВО БИХ

Следна статија

НА ДВЕ ПЛАЖИ ВО ЦРНА ГОРА ЛЕЖАЛКИТЕ ЌЕ ЧИНАТ 120 ЕВРА

Најново од Вести