| |

Руската врска за европска Македонија- Корените на злото (1)

Пишува: Владимир Перев

Војната во Украина и трагедијата на украинскиот народ, одново ги отворија дилемите и неразрешените процеси на Старата Европа, сега веќе пренесени врз целиот континент, но со посебен аспект на балканските држави. Одново се отворија старите дилеми, но со посебна острина се појавија и постарите, некако овековечени заблуди, прифатени како единствени вистини. Ова посебно е значајно на македонскиот комплекс на прашања поврзани на односите со Бугарија, Србија, со ЕУ и со Русија/СССР. Поголемиот дел од вината за сите овие заблуди ги сноси бугарската историографија и наука со својот понизен став кон советските/руските насилници во историската наука и нејзиното болшевичко партизирање.

Лага е дека Бугарија била ослободувана од руските воени сили, а таа лага доволно долго е поддржувана и од бугарскaта историографија. Бугарија е ослободена со активноста на руските сили, но со армија во која учествувале, покрај бугарските доброволци, и украинци, полјаци, словаци, шведи и финландци. По “ослободувањето“ од турците, Бугарија е фактички окупирана од руските воени сили, а за својата слобода ги има платено сите разноски околу војната и ја презема издршката на руската, де факто окупаторска армија, сместена на нејзина територија. Вкупната сума која е платена на Санкт Петресбург изнесува 10.618.250 рубљи и 40 копејки, што претворено во злато изнесува нешто над 32 тони злато. По втор пат, во 1944 година Бугарија е повторно “ослободена од фашизмот“ со нова советска окупација. Од Бугарската народна банка се одземени 133 280 719 447 лева и сите активи на меѓународните сметки, вкупно, по тогавашни цени некаде околу 300 милиони американски долари. Советите ѝ ги одземаат и сите транспортни средства и пловила, па Бугарија треба да плаќа за да ги ползува. Тоа е цената на советската окупација, па така Бугарија е направена да биде најпослушниот советски сателит и најбедната држава во земјите од источниот лагер, веројатно и втора најсиромашна во Европа, по Романија. Советскиот сојуз/Русија вршат свевиден “психоцид“ врз бугарскиот народ, неговото тотално национално и духовно обезличување и подведување под нормите на некаков измислен “световен комунизам“. Последиците се чувствуваат до денешен ден.

Руската политика чувствува омраза кон бугарскиот народ и држава, отворено ги посочува како некакво “диво племе“ наместено меѓу големата Русија и посакуваниот Константинопол, симболот на православието, каде што Русија толку многу сака да се инсталира и владее. На русите тука им се сојузници само грчкото православие како оригинерен вид на вероисповедание и српскиот национализам, како заштита и брана од европскиот католицизам и протестантизам. За Русија најдобро би било Бугарија да ја снема како држава и како народ, па најдобро би било тука да се расположи српското кралство, како народ близок по јазик и вера и способен да изврши свовидна “бугарска денационализација“, промена на националната свест.

Македонија е шансата за интервенција врз бугарскиот национален етникум. Сеуште под турско ропство, но сепак речи си целосно бугарска и егзархиска, таа е предмет на поделби по Втората балканска војна и по Првата светска војна, а Русија кумува и е согласна со распарчувањето на бугарското национално ткиво на териториите на Европска Турција, поточно во Македонија и Западните покраини. Територијата на егзархиската Македонија е распарчена меѓу кралствата на Србија и Грција, а народот е осуден на ново физичко и духовно ропство, српско и грчко, во периодот од 1918 до 1941 година. Поразот на силите на Оската во 1945 година носи нова окупација-Македонија е окупирана од српските сили и администрација, сето тоа под превезот на братството и единството на југословенските народи, а Бугарија е брутално окупирана од советската армија, целосно е оплјачкана и осиромашена, под превезот на борбата за “световен комунизам“. Пијаните руски братушки владеат со Бугарија до 1989 година, а бога ми, нивните инсталации и до денешен ден се “силните“ во Софија.

Основната политика на Москва по војната се состои во сосипувањето на бугарскиот национален дух на Балканот и насилно приклучување на македонците кон српското/југословенското духовно и јазично подрачје. Првиот акт е формирањето на македонскиот јазик и писмо, сето тоа со декрет, како што е вековниот обичај кај руските самодржци.

Сите ние знаеме за конфликтите во Јазична комисија, за нејзините неколку состави, за ролјата на Венко Марковски и некои други наши интелектуалци таму. Едно име, на рускиот/советскиот научник Самуил Борисович Бернштејн останува недоволно објаснето и премолчувано. Тој, Самуил Бернштејн (1911–1997) е основач на Катедрата за словенска филологија на Универзитетот “Ломоносов” во Москва, Русија и е надворешен член на МАНУ од 1969 година. Во 1938 година е меѓу првите научници кој го издвојува македонскиот јазик како засебен во јужнословенската група.

Еве што за него вели Блаже Ристовски во 2014 година во статија во Зборникот на Филолошкиот факултет во која наведува податоци за неговата, на Бернштејн македонска граматика на која (наводно) и се губи трагата:

Како воспитаник на славистот-македонист Афанасиј Матвеевич Селишчев (1886-1942), младиот руски славист Бернштејн станува и првиот автор на првите енциклопедиски одредници ‘Македония’ и ‘Македонский язык’ во првата Советска енциклопедија (1938) – третирани како одделен геополитички и етнокултурен субјект на словенскиот југ. На 7 декември 1944 година, по сторнирањето на решенијата на Првата јазична комисија, заради конечната кодификација на македонскиот јазик, Президиумот на АСНОМ предлага ‘да се повикат от Москва дваица световно извесни капацитети по славјанска филологија и нај добри познавачи на јазиците на сите балкански народи: Бернштејн и Державин’… Бернштејн воопшто не ја напуштал работата врз македонскиот јазик. На 25 април 1947 год. запишал: ‘Сега мојата главна задача е завршувањето на монографијата ,Македонский язык’. Јас треба да го предадам ракописот во книгоиздателството наесен оваа година. Во центарот на описот на граматиката ќе биде морфологијата. Специјална глава е посветена на анализата на јазикот на Мисирков. Во книгата ќе има читанка и македонско-руски речник кон текстовите на читанката’. Така усилено работејќи, Самуил Борисович на 28 август 1947 год. запишал: ‘Близу е завршувањето на книгата ,Македонский язык’. Завршен е граматичкиот опис на литера­турниот јазик, напишан е воведот, составена е читанката. Целиот обем на кни­гата е 10–12 табаци’. Му останал речникот. На 9 ноември допишал: ‘Седам од утро до доцна над ,Македонский язык”, а на 2 декември додал: ‘Во последно време работам над секоја мера, по 12 часа на ден. Вчера поставив точка на ракописот ,Македонский язык’. Најпосле, на 28 декември тој задоволно соопштува: ‘Вчера за својот, Македонский язык’ добив премија од 4.000 рубли. Ракописот веќе е утврден за печат. За одговорен редактор е назначен С. П. Обнорски’.”

Но бурниот ентузијазам на С. Б. Бернштејн неочекувано е пресечен. Со Резолуцијата за Југославија на Информационото биро нагло се влошуваат советско-југословенските односи и подготвениот слог во печатницата е растурен. Освен фрагментите од оваа книга што се појавија во научната периодика, до денеска тој ракопис остана непознат за јавноста. Дури не се знае ни дали е зачуван и каде се наоѓа. А тоа е многу значаен дел не само од историјата на македонскиот современ стандард, туку и суштествен дел од научно-истражувачкото дело на С. Б. Бернштејн и истовремено важен момент од историјата на руско-македонските научно-културни врски”, пишува академик Ристовски.

Сепак ракописот на Бернштејн кој требало да биде објавен во 1949 година, е пронајден во Градскиот архив на Москва.

Нешто подоцна, Бернштејн работи и на кодификацијата на “модерниот“ бугарски јазик, па тој е и еден од виновниците за отфрлањето на ‘двојното е“ од бугарската азбука, поместувањето на јазикот кон североисточните бугарски дијалекти и конечното губење на традиционалната морфолошка и лексичка врска меѓу источните и западните бугарски дијалекти. Сѐ ствара македонскиот литературен јазик, а бугарските дијалекти се осиромашени од своите западни компоненти…тоа е и крајот на единството на бугарските дијалекти од Охридско, Костурско, па се до Варненско и Одринско! Бугарија е осакатена, а главниот сатрап е руската квазинаука и царскиот империјализам, внедрен во партиските органи на СССР.

Така, Бугарија е осакатена територијално, јазично и духовно, но Македонија не е ослободена. Предадена на управување на Белград, таа до денешен ден не може да се ослободи од наметнатиот српски империјализам, зависна од српските проценки за својата самобитност и култура. Денес кај нас вирее само југомакедонизмот, како највисок израз на сопствената национална свест, зачинет со православна религиозна исклучивост до затуцаност, подложен на руското сѐсловенство и сѐправославие.

Што може да роди ваквата ситуација на “нашиот “ Балкан? Излезите се неколку-вооружена борба, диверзантски акци и шпионажа, поточно речено, разузнавање за секој кој ветува поинаква ситуација. Знаеме дека вооружена борба и диверзантство на територијата на Македонија не може да има. Тоа беше пресечено со акцијата на 19 мај 1934 година кога русофилските и србомански сили во Бугарија, предводени од предавниците и агентите на руското и српското разузнавање, Кимон Георгиев и Дамјан Велчев извршија преврат и ја затворија страницата на херојската борба на ВМРО на Иван Михајлов. Потоа остана трагедијата за македонскиоте бугари и тоталниот мрак за политичка и безбедносна информираност. Згасна пламенот на оружената борба. Остана само разузнавањето со сите свои гордости и трагедии, остана до денешен ден. Агентурата стана професија, а некои од продажници на идеалите станаа национални херои. Но, некои од нив не се подведоа под привилегиите на власта и парите, па ја продолжија борбата со светлиот идеал за слободна и самостојна Македонија, демократска држава во Европската заедница.

Во вториот дел: Разузнавањето како непокор.



Слични Објави