Рускиот амбасадор во Белград ја нападна Бугарија, бидејќи била лојален член на ЕУ
Рускиот амбасадор во Србија, Александар Боцан-Харченко, упати напади без преседан кон бугарската држава и нејзиното членство во Европската унија. Според него, властите во Софија биле лојален член на ЕУ и постоела можност да создадат проблеми при испораките на руски гас за Србија, пренесе БГНЕС.
Во врска со испораките на руски гас за Србија, Александар Боцан-Харченко изјави дека е од клучно значење договорот да биде постигнат на највисоко ниво, по цена прифатлива за двете страни. Тој нагласи дека техничкото прашање е како ќе се реализира договорот и дали ќе биде склучен краткорочен или долгорочен договор меѓу „Гаспром“ и „Србијагас“.
Рускиот дипломат изјави дека дошол до неколку заклучоци споредувајќи ги краткорочниот и долгорочниот договор и дека, земајќи ги предвид сите околности, на крајот заклучил оти краткорочниот договор е пофлексибилен.
„Долгорочниот или краткорочниот договор нема никаква врска со самата реализација, туку со спроведувањето на договорите постигнати на највисоко ниво за испорака на гас за Србија по цена која е прифатлива за двете страни и, колку што е можно, поволна. А како тоа ќе се реализира е техничко прашање“, изјави Боцан-Харченко.
Како момент што ја усложнува соработката меѓу Русија и Србија во однос на гасот, Харченко посочи дека Србија добива гас од Русија преку Бугарија, која е членка на ЕУ.
„А Бугарија е ангажиран член на ЕУ кој, како што се вели, понекогаш се обидува да ги изпревари настаните. И ако Бугарија постави бариера, што тогаш“, нагласи амбасадорот и заклучи дека поради сите споменати причини е пофлексибилно да се склучуваат краткорочни договори.
