Рускиот патријарх Кирил работел за КГБ во Швајцарија
Рускиот патријарх Кирил (со вистинско име Владимир Гундјаев) во 70-те години на минатиот век бил вклучен во разузнавачка дејност, шпионирајќи во Швајцарија за КГБ. Историчарите и новинарите претходно го обвинуваа поглаварот на Руската православна црква дека работи за КГБ, но сега швајцарското издание Sonntags Zeitung успеало да се запознае со архивите на федералната полиција кои ги потврдуваат овие податоци, јавува Actualno.
Во полициската архива која медиумскиот тим ја прегледал, има 37 документи за периодот од јули 1969 година до декември 1989 година, од кои повеќето се однесуваат на визите на Гундјаев и влезот во Швајцарија. Се споменува и дека патријархот Кирил е меѓу советските функционери против кои се „преземени мерки“, без да се прецизира какви мерки. Гундјаев работел под оперативниот псевдоним Михајлов.
Тој проповедаше во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“, која моментално ја води неговиот внук. Изданието исто така забележува дека според германскиот теолог Герхард Бесиер, во 70-те и 80-те години на минатиот век, КГБ се обидела да влијае на Светскиот совет на црквите да се воздржи од критикување на ограничувањата на верските слободи во СССР и наместо тоа да ги критикува САД и нивните сојузници.
Руската православна црква одби да ги коментира информациите, а руската амбасада во Швајцарија објавените податоци ги нарече „пример за русофобија“.
Потсетуваме дека рускиот патријарх Кирил силно ја поддржува војната на Русија против Украина. Во септември 2022 година, тој дури објави дека смртта на руските војници на фронтот ги мие нивните гревови.
Велика Британија воведе лични санкции против рускиот патријарх, а Литванија му забрани влез во земјата во период од пет години. Европската унија, од своја страна, исто така двапати се обиде да му воведе санкции, но Унгарија двапати стави вето на одлуката.
