Руте до Денков: Во нашите очи вие сте полноправна членка на Шенген
„Горд сум на она што Бугарија го постигна и во наши очи вие веќе сте полноправна членка на Шенген“. Ова го изјави премиерот на Холандија Марк Руте по средбата со бугарскиот премиер Николај Денков во Хаг. Марк Руте истакна дека е оптимист за влез на Бугарија во Шенген зоната и преку копнените граници до крајот на годината, посочувајќи дека неговата земја ќе продолжи активно да работи на остварување на оваа цел и со другите земји, јавува БГНЕС.
Премиерот академик Николај Денков посочи дека Холандија е на прво место по инвестиции во Бугарија и истакна дека овие одлични економски односи треба да продолжат во контекст на општиот развој во регионот. „Благодарни сме за поддршката на Холандија за сите европски приоритети на нашата влада – Шенген, Еврозоната, ОЕСР. Тоа се приоритети на кои многу тесно соработуваме со нашите западни партнери“, истакна академик Денков, соопшти владината прес-служба.
Холандскиот премиер посочи дека Бугарија се движи во вистинска насока на патот кон еврозоната. „ Ви завидувам за вашиот многу низок сооднос долг кон БДП, кој е половина од нашиот и една третина од германскиот“, истакна Руте, додавајќи дека Бугарија одлично се справила со буџетскиот дефицит, поради обезбедената стабилна политика од владата на академик Денков и тимот на Министерството за финансии.
Бугарскиот премиер уште еднаш ја потврди подготвеноста на Бугарија да и помогне на Украина во различни аспекти. Академик Денков истакна дека Бугарија забрзано ги развива одбранбените сили и ја зајакнува соработката со соседните земји во регионот на Црното Море – Романија и Турција во согласност со партнерството со НАТО.
Двајцата коментираа и за дезинформациите – другата закана што Русија ја користи во обид да влијае и да го вознемири бугарското општество.
Фото: БГНЕС

