С. НАСКОВСКИ: ВМРО ДПМНЕ ПРОДОЛЖУВА ДА БИДЕ ЗАЛОЖНИК НА ИНТЕРЕСИТЕ НА ЛУЃЕ БЛИСКИ ДО ГРУЕВСКИ
Стево Насковски до минатата недела беше организационен секретар на ВМРО-ДПМНЕ. Тој е еден од разрешените 15 потсекретари на партијата. Според Насковски неговото разрешување е порака дека во ВМРО-ДПМНЕ нема толеранција за различното мислење. Еве што изјави за нашиот портал веќе поранешниот организационен секретар на опозиционата партија:
„Како што многу пати имам кажано ВМРО ДПМНЕ е голема политичка партија и спојува различни луѓе со различно мислење, умешност на менаџмент е да ги акумулираш тие мислења без да дозволиш настанување конфликт и истите да се канализираат за добробит на партијата и државата. Убавината е во различноста, зошто да нема групи внатре во партијата каде што ќе се дебатира за ЕУ и НАТО, за Македонија, за тоа кои се нашите национални интереси, која ќе биде нашата заложба, но треба реално да ги погледнеме состојбите, и да се запрашаме што и кој е интересот на Република Македонија?! За жал се поочигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ продолжи да биде заложник на интересите на група луѓе блиски до поранешниот претседател, а не на вредностите на ВМРО и интерсите на Македонија. Статутот на партијата точно ја определува Евро-атланската ориентација на ВМРО ДПМНЕ која е единствено прифатлива за мене.
Во конкретниот случај, иако нема официјално образложение за потегот сепак јасна е пораката, нема толеранција за различно мислење, напредни и европски ставови и истите да бидат презентирани пред пред базата која се чува затворена за прогресивни ставови и луѓе.
Раководството требаше да покаже демократски и обединувачки капацитет, да се прифати сечије мислење, а не да се гетоизираат или „казнуваат“ оние со различни ставови. Функциите се минлива и менлива категорија и се најмалку важни, важна е иднината на Македонија“.

