САД и Бугарија го прошируваат партнерството во нуклеарната енергетика за цивилни цели
Американскиот Стејт департмент, преку Амбасадата на САД во Бугарија и во партнерство со Универзитетот за национално и светско стопанство (УНСС) и Бугарскиот енергетски холдинг (БЕХ), одржа два семинари посветени на вклучувањето на засегнатите страни и индустриските примени на малите модуларни реактори (ММР), јавува БГНЕС.
Во настаните учествуваа претставници на БЕХ, неговите подружници и други клучни бугарски партнери, во рамки на програмата FIRST на Стејт департментот на САД за одговорно користење на технологиите за ММР. Програмата, започната во 2019 година, им помага на земјите да донесуваат информирани одлуки за примена на нуклеарни технологии со највисоки стандарди за безбедност и нераспространување.
Директорот на Центарот за поддршка на нуклеарната безбедност при УНСС, проф. Светослав Спасов, истакна дека дискусиите ја потврдиле важноста на институционалниот дијалог.
„Овие семинари обезбедија важна можност јавните институции и енергетските компании во Бугарија да учествуваат во структурирана, експертска дискусија за технологиите на малите модуларни реактори. Универзитетите имаат клучна улога во создавањето неутрална и информирана средина за дијалог по теми од национално значење“, изјави проф. Спасов.
Вршителот на должноста шеф на Амбасадата на САД, Х. Мартин Макдауел, ја нагласи важноста на соработката.
„Соединетите Американски Држави се гордеат со отворените и информирани дискусии со своите бугарски партнери преку програмата FIRST за прашањата на нуклеарната енергија за цивилни цели, при почитување на највисоките меѓународни стандарди за безбедност, сигурност и нераспространување. Овие семинари ќе придонесат за зајакнување на техничкото знаење и ангажираноста на засегнатите страни во државните енергетски компании во Бугарија“, изјави Макдауел.
Семинарите се дел од проширената соработка меѓу САД и Бугарија за јакнење на енергетската безбедност, размена на добри практики и поддршка на одговорни пристапи кон новите енергетски технологии.

