САД ја предупредија Русија со економски мерки доколку не ја прекине војната во Украина
На седница на Советот за безбедност на ОН, САД упатија предупредување дека ќе воведат економски санкции против Русија, доколку таа не ја прекине војната против Украина, јавува БНР.
Украинската премиерка Јулија Свириденко изјави дека на нејзината земја ѝ се потребни дополнителни системи за противвоздушна одбрана за заштита од „смртоносните руски напади“.
„Русија мора сега да направи чекор кон мир“, изјави заменик-постојаниот претставник на САД во ОН, Џон Кели. Тој нагласи дека ракетните и дрон нападите врз Украина, кои предизвикаа бројни цивилни жртви и разурнувања во станбени квартови, ја доведуваат во прашање сериозноста на намерата на Москва за постигнување мир. „САД ја повикуваат Руската Федерација да избегне вакви последици, да го запре насилството и конструктивно да се ангажира во запирање на војната“, додаде тој.
Американскиот дипломат истакна дека лидерите на Русија и Украина треба да се договорат за средба во билатерален формат.
Од руска страна, заменик-постојаниот претставник во ОН, Дмитриј Полјански, нагласи дека една таква средба мора да биде темелно подготвена: „Сведоци сме на многу обиди за извртување на идејата за организирање руско-украински самит со тврдења дека Москва не е подготвена. Напротив, повеќепати сме потврдиле дека можеме да разгледаме такво сценарио, но само доколку биде направена детална подготовка за самата средба и за содржината на разговорите. Инаку таа не би имала никаква смисла.“
„Русија продолжува да ги избира убиствата пред прекинот на војната“, изјави Свириденко пред 15-члениот Совет за безбедност. Таа потенцираше дека Украина итно има потреба од нови системи за противвоздушна одбрана за да го заштити својот народ и територија, како и од капацитети за далекусежни удари со цел да се неутрализираат руските воени објекти од кои се изведуваат нападите.
Свириденко додаде дека прекинот на огнот останува клучен предуслов за идни мировни преговори со Русија.
