| |

САД работат на средба меѓу Трамп, Путин и Зеленски

САД работат на „уредување“ средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп, рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, изјави американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс. Според него, една од најголемите пречки била тоа што Путин досега одбивал да седне на иста маса со Зеленски, но Трамп успеал да го промени тоа, јавува БГНЕС.

„Сега работиме на планирање на моментот кога овие тројца лидери ќе можат да седнат и да разговараат за крај на конфликтот во Украина,“ изјави Ванс за конзервативната телевизија „Фокс њуз“.

Европските сојузници на Украина повторно инсистираат Киев да биде вклучен во преговорите меѓу САД и Русија, неколку дена пред планираниот самит меѓу Трамп и Путин во Алјаска. Зеленски, кој според планот нема да учествува, ги повика Франција, Германија и Обединетото Кралство – кои исто така се исклучени од разговорите – да формираат заеднички став.

Денес е закажан итен видеоконференциски состанок на министрите за надворешни работи на земјите од ЕУ со шефот на украинската дипломатија.

Американскиот амбасадор во НАТО, Метју Витакер, навестил дека присуството на Зеленски на средбата е можно. „Без сомнение мислам дека тоа е изводливо,“ рече тој за Си-Ен-Ен, додавајќи дека „не може да има договор ако истиот не го потпишат сите засегнати страни“ и дека приоритет е ставање крај на војната.

Сепак, конечната одлука ќе ја донесе Доналд Трамп. „Ако тој смета дека поканата за Зеленски е најдобра опција, тогаш ќе ја испрати. Но, засега нема донесено одлука,“ истакна Витакер.



Слични Објави