Загубеното бугарско наследство
Владимир Перев
1.
Во Македонија нема град како Прилеп. Ги има поубави, ги има со повисока култура и образование на граѓаните, ги има со поголемо материјално, историско и археолошко наследство, но нема друг град со толку страсти, горделивост, меѓусебно (не)разбирање на луѓето во него, но и толку многу единство во дејствијата. Прилеп е пред сѐ град на страсти, но и град на образование и култура. Во Прилеп е формирано првото народно читалиште “Надежда“, Прилеп е знаменосец во борбата против грчкото патријаршиско свештенство, град на егзархиските училишта и образование, но и секако, град познат како “првата пушка“! Тоа е град на жртви од двете или трите страни на нашата поделена духовност, на нашите национални поделби, на нашите недоречености и недосвршени амбиции. Моето семејство по потекло од село Никодин, доселени во Прилеп кон крајот на 19-от век е слика на нашите поделби. Имаме егзархиски свештеници, секогаш со “наганите“ под мантијата, жестоки во борбата против османлиите и грцизмот, потоа офицери на бугарската царска армија во служба на Фердинад и Борис Трети, но и партизани, команданти и политички комесари на бригади и дивизии, борци на Сремскиот фронт. Сме биле разделени, но секогаш сме знаеле кои сме и од каде сме. Ние сме го чувале и негувале нашето духовно наследство.

2.
Крајот на Втората светска војна го означи и крајот на “племенското единство“. Од верност кон самите ние, станавме “верни на идеологијата“, која ја замени ефективната држава. Затоа, сега сме таму каде што сме! Состојбите околу куќата на Димитар Талев, недоразбирањата и нашите поделености, сеуште влијаат на донесување на конечно и прифатливо решение за нејзината обнова и адаптација. Така, сега видовме дека парите не ги решаваат сите проблеми. Пари за куќата на Талев се најдоа, веројатно ќе се најдат уште, но нема визија за нејзината намена во иднина. Политиката, поделеноста, националната омраза всадена кај нас против најблиските, нѝ даваат видливи резултати. Талев ни остави огромно духовно наследство, опеаната наша црква “Св. Благовештение“ и ликовите на прилепските преродбенци, борците за слобода но и за нашата духовност. Денес за жалост, сето тоа останува малку подзаборавено, а нашата опеана “Стара црква“, е дел нашата црковна историја, но не е дел од наследената духовност. Тоа наследство е загубено, барем на прв поглед. Но, не е само Талевото наследство во прашање…
3.
Покрај “она што ние прилепчани го нарекуваме река“, до влезот на северната порта на “Стара црква“, се наоѓа една куќа во состојба на распаѓање. Тоа е куќата на Спасевци. Таа куќа е веднаш до куќите на славните прилепски родови Хаџиздравевци и Хазиспировци. Од семејството на Хаџиздравевци е Велика, сопругата на Антон Димитров, еден од шестмината основачи на ТМОРО, а куќата на Хаџиспировци била тајниот, доверен дом на војводата Петар Ацев, кога тој поминувал или престојувал во Прилеп. Денес тие две куќи се во пристојна состојба и во нив живеат наследниците на името и делото на предците. Со куќата на Спасевци не е така. Основоположник на семејството Спасевци е веќе заборавениот Спиро Спасев, патриот на бугарската кауза, учесник во црковните борби и заточен од српскиот окупатор за време на 1916 година. Негов син е Петре Спиров Спасев(ски?!), познатиот учител во Музичкото училиште во Прилеп, преподавател по солфеѓо и мајстор за свирење на неколку инструменти. Мојата генерација на него се сеќава како на еден полничок господин, секогаш чисто и уредно облечен, со господско држење и аристократски однос со собеседниците. Беше образован и добро информиран човек. Богата е житејската историја на Петре Спасески. Воспитаник на Солунската Бугарска гимназија, потоа, за времето меѓу двете светски војни, курсист во Белград по музичко образование, тој станува носител на народното музичко дело во Прилеп.

4.
Не е сѐ така светло во неговата биографија. Навистина, Спасевското племе има брилијантно егзархиско минато, но некои делови од тоа минато, не се видени со добри очи од новата, комунистичка власт во Прилеп. Општо позната “тајна“ е дека за време на Првата светска војна, големата жолта куќа на Спасевци, “покрај река“ е главниот штаб на бугарската армија и таму често престојува престолонаследникот Борис, подоцна цар Борис Трети. Тој е почитуван и радо гледан гостин во таа куќа. Таму има водовод и тоалетна, реткост во тоа време во градот. Таа е (барем така мислам) единствената куќа со пијано во Прилеп, наспроти да речеме соседната Битола, “градот на клавирите“. Во целиот период меѓу двете светски војни, семејството Спасевци одржува тајно, редовна врска со бугарскиот царски дворец и лично со цар Борис Трети. Петре е член е на првата петорка од ММТРО (Македонската Тајна Младешка Револуционерна Организација) во периодот меѓу двете војни и засекогаш останува другар и личен пријател на Димитар Талев и Коста Црнушанов…впрочем, тие се и блиски комшии во Прилеп. Со влегувањето на бугарската армија во Прилеп, некаде околу 20 април 1941 година, Петре Спасевски станува општински чиновник и повереник на бугарската власт за доделување купони со кои населението се снабдува со основните животни намирници како леб, брашно, масло за јадење, текстил и слично.
5.
Со влегувањето на партизаните во Прилеп, Петре Спасев ги одбегнува првите мигови на егзекуции на “народниот непријател“. Уапсен е и осуден на смрт од судот на “народната власт“. Не помагаат сведочењата на мајки на паднати борци од Прилеп кои велат дека “Петре знаеше дека син ни е во партизани, ама нѝ даваше купони за храна и за него, како да е дома, велејќи ни притоа иронично: овој купон е за оној вашиот, комунистот“! Во негова полза интервенира дури и Ченто, па така Петре е осуден на четири години затвор, кои ги одлежува целосно. По ослободувањето од затвор, учествува во работата на Музичкото училиште во Прилеп, формира училишни хорови и го формира црковниот хор во “Стара Црква“.
6.
Секоја година на Петровден, како дете, одевме семејно да му го честитаме името на Петре Спасески. На горниот кат од куќата беше прекрасната соба за дневен престој, богато уредена и со пиано во еден агол од собата. Таму прв пат и единствен во Прилеп, видов пиано. Ние прилепчани се фалевме со пиштоли, ками и пушки, со различна муниција од сите можни калибри и војни, ама пијано имаше само кај него. Пребирав по дирките на пијаното, мајка ми ми помагаше, за да разбере дека немам слух и дека од мене нема да стане никогаш музичар. Тоа беше првото разочарување во нејзината рожба, за другите, уште потешки разочарувања, да и ги приредам подоцна во животот.
7.
Не се сеќавам кога точно почина Петре Спасески, но се сеќавам на него в подоцнежните години. Беше старец со малку излитени алишта од некоја мината мода, секогаш чист и со вечниот златен прстен со скапоцен камен на левата рака. Тоа беше царскиот подарок на Борис Трети до него, за неговите заслуги за “б’лгарштината“ и тој со гордост го носеше и покажуваше. Секогаш, на сите верски празници го гледав како оди кон гробницата на семејството Чкатрови и пали свеќа за покој на нивните души. До последниот миг остана пријател со михајловистичките другари од младоста.
Тешка беше судбината на македонските бугари. Општествено изолирани, најчесто се дружеа мeѓусебно, говорејќи си за “славните бугарски времиња“, свесно одбегувајќи го фактот за трите последователно изгубени војни. Тоа беше постарата генерација по линијата на бугарската кауза. Тие беа соединисти и монархисти, за поновата генерација да станат михајловисти и републиканци, со јасен отпор кон Кобурзите и Дворецот воопшто. Сите останаа бугари до својот последен здив!
8.
Големата жолта куќа покрај реката полека заминува во неповрат, носејќи ги со себе одамна избледените спомени. Наследниците на Петре Спасески не се заинтересирани за нејзиното минато, веројатно во неа гледајќи како на богата идна инвестиција. Дури и да стане така, бугарската држава не смее да заборави дел од сопствената историја на македонска почва. Ако Бугарија никогаш не им се оддолжи на нејзините приврзеници овде во Македонија, барем нека се потруди да не изгасне и споменот за нив.

