САМОСТОЈНА ИЗЛОЖБА: ДЕЛА ВО МАЛ ФОРМАТ НА ЉУПЧО БОЈАРОВ ПРЕД ВЕЛЕШАНИ

Во Народниот музеј во Велес на 3 октомври во 19 часот, ќе биде отворена самостојна изложба на академскиот сликар Љупчо Бојаров кој пред љубителите на уметноста во овој град, ќе се претстави со ликовни дела во мал формат изработени во периодот од 1985 до 2019 година.

На изложбата ќе бидат прикажани ликовни истражувања на симболи и знакови изработени во последните три децении. Искуството од истражувањето во повеќе ликовни техники ќе бидат претставени на четириесетина дела.

Делата се изработени во техниката масло на платно, цртежи, линорез во боја, графика, дрворез графика и објекти.

Љупчо Бојаров е роден на 16 август 1959 година во Скопје. Училиште за применета уметност завршил во Скопје во 1978. Дипломирал на факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1984, од кога е и член на ДЛУМ. Во меѓувреме бил дел од групни изложби, имал и самостојни изложби во земјата и странство, а добитник е на повеќе домашни и меѓународни награди.