ПРИШТИНА ИМ ЗАБРАНИ ВЛЕЗ НА ЛУЃЕТО НА ВУЧИЌ БИДЕЈЌИ ВРШАТ ПРИТИСОК ВРЗ СРПСКАТА ОПОЗИЦИЈА ВО ПРЕДИЗБОРИЕТО

Министерството за надворешни работи на Косово им забрани влез во земјата на официјални претставници на властите во Србија, со цел да го спречи нивното учество и агитирање во кампањата за изборите што ќе се одржат на 6 октомври, пренесува НОВА.

Шефот на кабинетот на вршителот на должност министер за надворешни работи на Косово Беџет Пацоли, Јетлир Зиберај преку својата страница на Фејсбук објави дека властите во Приштина ја донесоа оваа одлука поради притисоците што врз српската заедница во Косово ги врши официјален Белград.

Одлуката на косовското МНР уследи по реакциите на неколку партии на косовските Срби, обединети во коалицијата „Слобода“, кои го обвинуваат Белград дека врши притисок, со уцени и закани, врз српското население во северно Косово, во полза на партијата Српска Листа (СЛ), која има отворена поддршка од властите во Србија и српскиот претседател Александар Вучиќ.