| |

Самоубиствена мисија

Facebook статус на Никица Корубин

Занесени во антибугарскиот, а всушност антиевропскиот наратив за “светоста” на уставот и неговата непроменливост, парадоксално преку негово брутално прекршување на дневна основа; “јавноста” (политичка, медиумска, клановска), полека, но сигурно се обидува да го зададе финалниот удар на тектонско пореметување на нашата меѓународно формално-правна политичка независност: Преспанскиот договор. Што е всушност Преспанскиот договор?

Преспанскиот договор е финално заокружување на нашето постоење како меѓународно призната држава, по сите норми и параметри. Тоа што заокружувањето дојде, полни 27-28 години, после прогласената независност како самостојна држава, говори колку долго “не’ држеле” или “сме се држеле” како времен субјект, чија судбина не е конечно одредена. Тој е нашиот репер, нашата црвена линија и нашата временска одредница, во која го мериме времето на пред и потоа.

Пред тоа бевме неопределен субјект со акроним (БЈРМ), кое појавно беше мразено и сатанизирано, а потајно беше обожувано (последната врска со саканата Југославија); всушност стабилната, тајна врска со стариот свет и регионалните “светови”. И се’ додека тој беше присутен, се’ дотогаш беше присутна и надежта на целата “структурна елита” која ја владее земјата, за нејзината, а не наша нераскинлива врска со “матицата”.

Размерот на општествената, ментална криза на “распаѓање, губење на идентитет, надворешни непријатели и сите можни стравови и фобии” излевани во медиумскиот простор, во годините после Преспанскиот договор, говорат за “ударот” што тој го зададе на сите прикриени кланови и структури. Кои за воља на вистината, мораа да станат толку јавни, што сите не’ оставија затечени за нивната сеприсутност во секоја пора на нашата држава и општество, од медиуми, преку партии, до факултети и невладини, преку аналитичари и експерти. Ова е нивната финална битка, со нашата иднина како граѓани и иднината на нашата држава, која тие секогаш ја сметале за времена.

Па, токму затоа, деновиве, месециве и годиниве, после сите “одбрани” на “случајно” избраните ликови од нашата историја, и жестокиот напад, на исто така “случајно” избраните ликови, исто од нашата историја, од која соблазнително и тоталитарно се откажуваат; доаѓаме до сржта на проблемот: нивното лажно, наменско и противуставно македонство. По единствениот рецепт кој го имаат и применуваат: југословенскиот македонизам.

Иако, иронично југословенската наука за историјата на Македонија, исклучиво започнуваше од 6 век и “доаѓањето на Словените” со јасна дистинкција и “забрана” за сериозно научно и базирано на факти истражување за се’ претходно; чии “забрани и граници” патем речено траат се’ до денес; империјалниот и монопилизиран “македонизам” се јави, чудесно во деведесеттите, кога се знаеше дека следи распад на Југославија и создавање на независна македонска држава. Па, мораше со време да се контролира националниот наратив (научно, политички, историски, партиски), како што е случајот до ден денес.

Но, да се вратиме на Преспанскиот договор. Тој е всушност финализирана верзија на резолуциите 817 и 845 и Времената спогодба на ОН, односно ставот на светот за Македонија како современа држава. Во членот 6 од Времената спогодба се вели: “Втората Страна овде свечено изјавува дека ништо во нивниот Устав, а особено членот 49, како што е изменет со Амандман, не може, ниту треба да биде толкувано, ниту кога било ќе биде толкувано како основа за Втората Страна да се меша во внатрешните работи на друга држава за да заштитува статус и права на кој било други личности во други држави кои не се граѓани на Втората Страна.” Тоа 24 години подоцна и станува дел од нашиот устав, преку амандманот XXVI, односно истиот член 49: “Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи”.

За каква тоа “грижа” тогаш, ние интензивно говориме, дури и носители на највисоки политички функции, за “нашите Македонци” во соседна Грција и Бугарија? Не го знаат сопствениот устав? Не ја знаат Времената спогодба која ја “криеја од јавноста” речиси три децении и ја замајуваа со “достоинствени решенија и двојни формули”? За надвор и внатре, бидејќи научени тоа “внатре” да биде “нивна држава” чиниш некој феудален посед? Па, затоа и нема никаква мистерија што денес “најголеми Македонци” се всушност најголемите “југоносталгичари” и “следбеници” на “светот” од соседството; па така жестоко и “темелно” ламентираат за нашата античка историја како лајтмотив за нејзина монструозна злоупотреба, на ист начин како што се злоупотребува и присвојува изворно македонското; а всушност длабоко ја презираат. Обична алатка, во рацете на “креаторите и чувари на државата” за какви себе си, се доживуваат.

И токму затоа опасен е секој обид за импровизација и изигрување на одредбите од Преспанскиот договор и итроманските досетки за негово (не)спроведување. Има причина зошто и тој и догороворот со Бугарија се составен дел на преговарачката рамка за Северна Македонија. За да не заборавиме, во ниту еден момент, дека оваа наша држава е она за што треба да се грижиме и она што светот ни го признава.

И конечно да престанеме да дозволуваме, да се монополизира “македонизмот” во наше име, а за друг интерес. Затоа што тој, како култура и цивилизација е светско наследство, а како наратив е наш, колку и на нашите соседи со кои секако го делиме. Историја базирана на факти, наместо празни, паушални, злонамерни квази-националистички повици; многу повеќе ќе помогнат, за “идентитетот” кој се брани со уништување на државата, преку саботирање на нејзината ЕУ иднина. Никако да помине жалта и гневот, што БЈРМ стана Северна Македонија, членка на НАТО и идна членка на ЕУ.

Слични Објави