Паркот-музеј „Самуилова тврдина“ кај Петрич ја чува меморијата за битката од 1014 година
На околу 16 километри од Петрич и на три километри од границата со Северна Македонија се наоѓа Националниот парк-музеј „Самуилова тврдина“, меморијален комплекс посветен на настаните поврзани со битката кај Беласица во 1014 година и со царот Самуил, пишува БНР.
Комплексот е изграден на подрачјето каде што, според историските извори, пред повеќе од еден милениум се одвивале судирите меѓу војската на цар Самуил и византиските сили предводени од императорот Василиј II.
Битката кај Беласица, позната и како битката кај селото Клуч, се одиграла во јули 1014 година и претставува еден од клучните моменти во долготрајните војни меѓу Самуиловата држава и Византија.
За зајакнување на одбраната, на падините на Беласица и Огражден бил изграден систем од утврдувања долг повеќе од осум километри. На ридот Куфалница се наоѓало земјено утврдување со три бедеми и два рова, како и десетици земјанки што биле користени од војската. Положбата овозможувала контрола врз Клучката Клисура и имала значајна улога во одбранбениот систем.
Националниот парк-музеј „Самуилова тврдина“ официјално е отворен во 1982 година. Централно место во меморијалниот комплекс зазема петметарска бронзена скулптура на цар Самуил, дело на професорот Борис Гондов.
„Композицијата е замислена како средновековна тврдина, на чиј ѕид преку бронзени барелјефи се претставени ослепените Самуилови војници со подадени раце, како да бараат помош од својот владетел“, изјави Силвија Велчева, главен туристички водич и административен секретар во музејот.
Скулптурата го претставува Самуил во моментот кога ја гледа колоната од своите ослепени војници. Во едната рака држи меч, како симбол на неговата улога како воен предводник, а во другата скиптар, како знак на царската власт.
„На многу места има споменици подигнати во чест на победа или на херој, додека овде е подигнат споменик во чест на една трагедија“, посочува Велчева.
Таа потсетува дека на 29 јули 1014 година византиската војска, предводена од Василиј II, навлегла во територијата контролирана од Самуил. Византиските сили успеале да ја заобиколат одбраната и да ги нападнат Самуиловите војници од повеќе правци.
Според традиционалното историско предание, по битката биле заробени илјадници војници на Самуил, кои по наредба на Василиј II биле ослепени, при што на секои сто војници бил оставан по еден со едно око за да ги води останатите. Самуил, кој бил спасен од својот син Гаврил Радомир, подоцна починал на 6 октомври 1014 година.
Денес комплексот е посетуван од бројни туристи и ученички групи, а темата за цар Самуил е дел и од наставата по историја.
Во 2026 година Општина Петрич и Историскиот музеј во градот реализираат два поголеми проекта за обновување и развој на локалитетот.
Едниот е прекуграничен проект во рамките на програмата ИНТЕРРЕГ Бугарија – Северна Македонија, кој предвидува обновување и подобра презентација на Националниот парк-музеј „Самуилова тврдина“. Планирани се дигитална реконструкција, нова визуелна комуникација и простор за активности.
Вториот проект се однесува на реставрација и конзервација на големата земјанка, еден од најпрепознатливите елементи на археолошкиот комплекс, за која се претпоставува дека била користена од цар Самуил.
„За Општина Петрич ова е инвестиција во историјата, културата и туристичкиот потенцијал на целиот регион. За нас како музеј е важно посетителот да го почувствува значењето на местото и да се доближи до историјата на цар Самуил и неговите војници“, вели Велчева.
Според неа, личноста на Самуил има посебно место и во локалната меморија на жителите на Петрич.
„За луѓето од градот цар Самуил не е само историска личност од учебниците. Тој е дел од идентитетот на градот и регионот, а тврдината е симбол на сила и државност“, додава таа.
„Самуилова тврдина“ е вклучена во листата на 100 национални туристички објекти на Бугарскиот туристички сојуз. Локалитетот уште во 1965 година бил прогласен за споменик на културата од национално значење, а првите археолошки истражувања започнале во 1968 година под раководство на археологот Димка Серфимова.
Меморијалниот комплекс е дел од мрежата на Историскиот музеј во Петрич, во чија структура се наоѓа и античкиот град Хераклеја Синтика.
Историскиот музеј во Петрич постои од 1966 година. Од првичната музејска збирка сместена во приватен дом, институцијата во 1974 година била преселена во просториите на читалиштето „Браќа Миладинови“, а во 2022 година добила нов објект по реконструкцијата на поранешна воена зграда. Во музејот денес се претставени археолошки, историски и етнографски поставки.
