Сања Најдовска од Studio Drift: Модерната уметност помеѓу технологијата и духот на природата
Сања, родена во Северна Македонија, денес работи како раководител на Одделот за развој во Studio Drift, специјализиран за кореографски скулптури и кинетички инсталации.
Сања Најдовска пред околу 10 години се пробува во уметничкиот свет. На својата работа и пристапува прецизно, креативно и организирано.
Сања, родена во Северна Македонија, денес работи како раководител на Одделот за развој во Studio Drift, специјализиран за кореографски скулптури и кинетички инсталации. Студиото со седиште во Амстердам е основано од Ралф Наута и Лонеке Гордијн во 2007 година. Оттогаш, има освоено бројни награди.
Најдовска во интервју за БГНЕС раскажа за својата работа и инспирација.
БГНЕС: Зошто се одлучивте да се занимавате со модерна уметност и како започна вашата работа во Studio Drift?
Сања: Целото мое семејство – дедо ми, вујко ми, татко ми, сите се архитекти. Студирав архитектура во Македонија. Кога сестра ми се пресели во Амстердам, дознав за Уметничката академија Ритвалт. Решив да се откажам од архитектурата и животот во Скопје и се преселив таму. Се занимавав со дизајн и работев во индустријата некое време, но за Drift Studio дознав случајно од еден познаник кој работеше за нив. Барале лице за работно место асистент во производството за голем проект. Аплицирав, ме примија, а другото е историја…
БГНЕС: Карактеристично за вашата работа е користењето на најсовремените технологии. Во кои земји и градови ги презентирате вашите проекти?
Сања: Инспирацијата на Studio Drift секогаш доаѓа од природата. Преку технологијата и овозможуваме на публиката да ја допре на нов начин. Студиото постои речиси 20 години. До 2018 година имавме многу приватни клиенти. Мојот прв проект беше претставен во Дубаи и многу брзо потоа отидовме во Кина каде работевме со Louis Vuitton. Следеа Белгија, САД и други земји. Генерално, застапени сме на сите континенти.
Во 2018 година ја претставивме нашата сопствена изложба во Градскиот музеј во Амстердам и оттогаш се фокусиравме повеќе на изложби низ светот, вклучително и мобилна која „патуваше“ низ Брисел.
БГНЕС: Еден од уникатните примери на модерната уметност на Studio Drift е настапот во Њујорк со стотици дронови во 2023 година. Што можете да ни кажете за тоа?
Сања: Проектот се базира на алгоритми кои ги контролираат дроновите така што тие летаат како јато птици и се движат на одреден начин. Едниот дрон прави специфична акција, а другите околу него реагираат и комуницираат едни со други, преместувајќи се на нови позиции.
Дебито беше во Амстердам, но најголемиот спектакл беше со 1000 дронови над Централ Парк во Њујорк. Процесот беше многу тежок, но конечно успеавме и огромна маса на луѓе ја допре оваа уметност.
Studio Drift се подготвува да го направи следниот голем чекор – свој музеј во Амстердам. Ќе ги отвори вратите во 2025. Во реновираната историска зградаVan Gendt Hallen, која се наоѓа во центарот на главниот град на Холандија.
Сања сподели дека целиот тим на Studio Drift бил преплавен со возбуда.
„Со години работиме да ја најдеме вистинската зграда која би била соодветна за нашите дела. Музејот ќе биде лоциран на 8 илјади квадратни метри Таму ќе бидат изложени 18 проекти на Studio Drift, од кои 2 за прв пат ќе ги види пошироката јавност“, сподели таа.
Фото: БГНЕС


