Саркофагот за цар Самуил се изработува од бел мермер добиван во реонот на градот Прилеп
Саркофагот во кој ќе бидат положени останките на царот Самоил се изработува од бел мермер добиван во реонот на Прилеп, Северна Македонија. Саркофагот, кој е прв царски саркофаг во поновата бугарска историја, во моментов се изработува во високотехнолошко каменорезачко претпријатие во Велинград, јавува БНТ.
Во претпријатието од минатиот петок се работи деноноќно на изработката на саркофагот.
„Не сум правела саркофаг за цар. Можеби ова е првиот за Бугарија. Многу сум горда што ми го доверија. Повеќето работи што ги изработувам се за цркви и манастири“, изјави управителката на претпријатието, Надежда Кључкова.
На саркофагот се вклучени повеќе симболи поврзани со цар Самуил и неговото време. Крстот е преземен од каменот на кој бил погребан таткото на Самуил, а на него ќе стои и натписот „Самуил во Христа Бога, цар на Бугарите“.
Под натписот се наоѓа симбол со две стилизирани птици, преземен од ткаенината со која бил погребан Самуил, а која сега е изложена во Музејот на византиската култура во Солун.
Археологот проф. Људмил Вагалински објаснува дека станува збор за скапа свилена ткаенина.
„Свилените нишки се испреплетени со златни нишки. Во тоа време, особено на почетокот на XI век, само царевите можеле да си дозволат и да носат такви симболи“, вели Вагалински.
Според него, двете грабливи птици се поставени хералдички симетрично една наспроти друга и „многу веројатно“ претставуваат семеен грб.
На страничните делови на саркофагот ќе бидат прикажани христограмa, ликот на Архангел Михаил, црквата „Свети Ахил“ меѓу два пауна како симбол на вечноста, како и схематски приказ на тврдината на Самуил во Ахрис меѓу два лава. Последниот мотив е копија од старозагорските плочи, кои се поврзуваат со Првата бугарска држава и времето на Самуил.
