СДА Македонија: Изолационистичката политика на владата ја води економијата кон колапс
„Изолационистичката политика на владата ја води македонската економија кон колапс“, реагираат од партијата СДА Македонија и обвинуваат дека блокираниот европски пат на државата предизвикува сериозна општествена и економска криза.
Во партиското соопштение се наведува дека, и покрај тврдењата на владата за економски раст, анализите покажуваат дека граѓаните на Северна Македонија имаат послаб квалитет на живот од граѓаните на Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Албанија.
„Квалитетот на живот на нашите граѓани одамна не може да се мери со квалитетот на живот на граѓаните на Хрватска, Грција и Бугарија. Доколку власта остане на курсот на изолационистичката политика, за неколку години стандардот на граѓаните на Северна Македонија нема да може да се споредува ниту со стандардот на граѓаните на Црна Гора и Албанија, откако овие две држави ќе станат членки на ЕУ“, се наведува во соопштението.
Од партијата оценуваат дека владата се потпира на кредити за покривање на буџетските дефицити, наместо средствата да се користат за развојни проекти. Воедно тврдат дека се доцни со исплатите кон економските субјекти и со повратот на ДДВ кон компаниите.
„Економијата се наоѓа во тешка состојба и ако власта продолжи ненавремено да ги исплаќа обврските кон приватниот сектор економијата би можела длабоко да западне во негативна спирала“, се наведува во реакцијата.
Во соопштението се критикува и политиката за минималната плата. Од СДА Македонија наведуваат дека минималната плата во земјата е пониска од онаа во Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Албанија, а предупредуваат дека наскоро може да биде пониска и од минималната плата во Косово.
„Власта наместо за достоинството на работниците, очигледно се грижи повеќе за заработката на олигарсите“, се наведува во реакцијата.
Според податоците што ги посочува партијата, во текот на 2025 година во македонската економија влегле странски инвестиции во износ од 467,5 милиони евра, што, како што наведуваат, е за 729 милиони евра помалку во споредба со 2024 година, односно пад од 61 проценти.
„Зошто некој би дошол да инвестира во држава која сама се откажува од својата европска перспектива“, прашуваат од СДА Македонија.
Од партијата оценуваат дека актуелната владејачка структура неуспесите ги прикрива со национализам, додека економијата, како што велат, се движи кон сериозна криза.
