СДС шири дезинформации за лековите, велат од ВМРО-ДПМНЕ
СДС продолжува со лаги и манипулации на граѓаните, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Прашуваат чии интереси штити СДС.
Според ВМРО-ДПМНЕ, тврдењата дека „се излажани пациентите” се неточни и намерно ја игнорираат целата слика.
„Точно е дека референтната цена на „Фостер” беше намалена откако генеричкиот лек влезе на позитивната листа, токму со цел да се создаде конкуренција и пациентите да добијат алтернатива, наместо да зависат од еден единствен производител. Алтернативата е достапна во земјата.
Ова е стандардна пракса и препорака на СЗО за внесување на генерики кои ќе донесат заштеда, средства кои остануваат за здравствениот систем, а не за странски фармацевтски компании.
Обвинувањата за „хаос и негрижа” не објаснуваат зошто СДС молчеше кога хронично болните пациенти со онколошки заболувања, останаа без биолошка терапија под нивна власт или кога умираа пациенто со цистична фиброза“.
Наместо да се бараат политички поени врз грбот на пациентите, властите, велат од владејачката партија, преземаат конкретни чекори, проширување на позитивна листа и намалување на цените.
„И да, заштедените средства повторно ќе бидат употребени за нови лекови за истите пациенти.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ се грижи за граѓаните. Позитивната листа е проширена со три нови антикоагулантни лекови еноксапарин, надропарин и ривароксабан, кои од 1 јули се достапни во аптеките во земјата. Кај еноксапаринот се достапни два бренда, кај надропаринот е достапен еден бренд и кај ривароксабанот во почетниот период ќе биде достапен еден бренд. Тоа ќе значи заштеда на граѓаните и олеснет пристап.
СДС молчеше додека Филипче профитираше за време на корона кризата, а пациентите останаа без лекови.
За разлика од изминатите 7 години, кога здравството беше во колапс и ликови како Филипче го руинираа и ограбуваа здравството за лични и партиски интереси, сега работиме на враќање на довербата кај граѓаните и здравство кое ќе биде исклучиво за пациентите“.
Од ВМРО-ДПМНЕ со порака до СДС, да не собира политички поени врз здравјето на граѓаните.
„Расипничкото владеење на СДС и ДУИ го испразни буџетот за својот луксуз и тендери, а цената ја плаќаа граѓаните.
Здравството е приоритет на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, се зголемуваат плати, се реновираат оддели и се купува нова медицинска опрема“.

