ЕП: Србија го поткопува суверенитетот на соседните држави и го забавува нивното пристапување кон Унијата
Европскиот парламент ја осуди политиката на Србија за обиди за воспоставување сфера на влијание и за дејствија со кои се поткопува суверенитетот на соседните држави во Западен Балкан, јавува во опширен материјал БГНЕС.
Во новоусвоената резолуција се наведува дека Србија, поради својата големина и геополитичка положба, има директно влијание врз стабилноста на регионот. Европратениците оценуваат дека земјата е во застој на патот кон членство во ЕУ поради назадување во владеењето на правото, демократијата и усогласувањето со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата.
„Европскиот парламент повторно нагласува дека Западен Балкан во актуелниот геополитички контекст има стратегиско значење за безбедноста и стабилноста на Европската унија“, се наведува во резолуцијата.
Во документот се изразува жалење што Србија во најголем дел не ги исполнила клучните обврски од нонпејперот од ноември 2024 година, чија цел била отстранување на пречките за отворање на Кластер 3. Европскиот парламент ја осуди и острата реторика на српската влада кон земјите членки кои не го поддржаа отворањето на овој кластер.
Европратениците ја повикаа Србија со конкретни чекори да покаже трајна посветеност на европските вредности и стандарди, како и целосно усогласување со надворешната политика на ЕУ, особено со санкциите воведени поради руската агресија врз Украина.
Во резолуцијата се изразува загриженост поради продолжените блиски односи на Србија со Русија, зголеменото кинеско влијание и военото зајакнување на земјата. Европскиот парламент посебно го осуди неодамнешното набавување кинески балистички ракети „воздух-земја“ CM-400AKG, оценувајќи дека таквото вооружување го нарушува регионалниот безбедносен баланс и добрососедските односи.
Сериозна загриженост е изразена и поради информации дека Србија станала база за активности на руските разузнавачки служби и оперативно средиште за хибридни и дестабилизирачки дејства во Европа и регионот. Српските власти се повикани итно да ги истражат, спречат и санкционираат ваквите активности.
Европскиот парламент повтори дека пристапните преговори со Србија можат да напредуваат само ако земјата се приклучи кон санкциите на ЕУ против Русија и постигне мерлив и одржлив напредок во владеењето на правото, изборните реформи, борбата против корупцијата и организираниот криминал, независноста на судството, слободата на медиумите и функционирањето на демократските институции.
Во резолуцијата се критикува и „попустливиот пристап“ на Европската комисија кон Србија, и покрај долгогодишното назадување во клучни области и дестабилизирачкото влијание во регионот. Комисијата е повикана појасно да ги посочува недостатоците, недостигот на напредок и регресот на Србија.
Резолуцијата беше усвоена во период кога земјите членки на ЕУ разговараат за можноста за продолжување на пристапните преговори со Србија и отворање на Кластер 3. Иако еврокомесарката Марта Кос на 7 јули ја бранеше препораката на Европската комисија за отворање на кластерот, поголемиот дел од европратениците во дебатата се изјаснија против тоа.

