СДСМ: Декласификацијата ќе открие сè, зошто Мицкоски се плаши јавноста да ја дознае вистината?
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија реагира дека наводната афера со АНБ, која власта ја подготвувала пред избори и требала да биде оружје против СДСМ, се претворила во „бомба што им експлодирала во рака“.
Од СДСМ обвинуваат дека власта бега од декласификација на документите и стравува јавноста да ја дознае вистината. „Очигледен е стравот на премиерот Христијан Мицкоски од содржината на документите што треба да ја докажат неговата приказна за наводно следење,“ велат од партијата.
Според СДСМ, токму декласификацијата ќе открие сè – дали и кој бил следен, кој со кого соработувал, за какви цели, што се крие од јавноста, но и зошто на овој начин ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја манипулира јавноста.
„Клучното прашање е зошто Мицкоски се плаши сè да се дознае? Дали станува збор за соработка на Мицкоски со странски служби, за комуникација со руски агентури, за нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ?“ прашуваат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека ако власта тврди дека СДСМ прислушувала, тогаш нема причина да се избегнува декласификацијата: „Нека ги декласифицираат документите и нека се дознае сè.“
„СДСМ не се плаши и нема што да крие. Декласификацијата јасно ќе покаже сè – кој треба да одговара и која е вистината позади случајот. Толку ли многу се плашите од вистината?“ стои во соопштението на СДСМ.

