|

СДСМ е уверен дека сите пратеници од мнозинството ќе ги поддржат уставните измени

Броењето пратеници на Христијан Мицкоски му е многу слаба страна. Тоа го покажал неколку пати досега, реагира СДСМ по обвинувањата за несогласувања и тензии кај владејачкото мнозинство во однос на прашњето за уставните измени.

Според партијата на власт, очајни се овие обиди на Мицкоски. Од тука велат дека погрешната математика и штанцањето нови измислици ќе му се вратат како бумеранг многу бргу.

„Целата јавност знае дека во ВМРО-ДПМНЕ има пратеници кои го поддржуваат европскиот пат на државата, кои не се согласуваат со анти-европскиот став на Мицкоски и се подготвени да ги поддржат сите чекори. На овие пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кариерата на Мицкоски не им е поважна од европската иднина на македонските граѓани. Напротив. Изолиран и во целосно заложништво на Левица Мицкоски го чекаат нови порази“, велат од СДСМ.

За прашањето се огласи и партискиот портпарол, Дарко Каевски, кој рече дека Мицкоски е под притисок на пратениците од ВМРО ДПМНЕ кои се за уставни измени.

„Верувам дека кога ќе влезе процесот во Собранието ќе бидете уверени дека сите пратеници од владејачкото мнозинство, вклучувајќи на голем број пратеници и од опозицијата ќе бидат ЗА со аргументи и ставови за уставните измени, како што кажав и претходно затоа што се важни за европскиот напредок на државата, важни сме затоа што сме ветиле пред граѓаните дека ЕУ е наша децениска аспирација и ние како политичари од оваа генерација сме должни тоа да го оствариме“, рече Каевски.

СДСМ ги повика сите прогресивни групи и пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ да се приклучат на процесот, потребните реформи да бидат усвоени и државата да продолжи по европскиот пат.

Слични Објави