СДСМ: Владата ја загрозува исплатата на пензиите и вториот пензиски столб
СДСМ обвини дека Владата го довела во ризик пензискиот систем и ја загрозува исплатата на пензиите, како и функционирањето на вториот пензиски столб.
На прес-конференција, членката на Извршниот одбор на СДСМ, Наташа Поповиќ, изјави дека дупката во ПИОМ достигнала речиси 40 проценти, што, според неа, е показател дека Владата нема решение за долгорочна стабилност на пензискиот систем.
„Изјавата на гувернерот Трајко Славески, дека до 80% од идните пензионери кои ќе се пензионираат во периодот 2030 – 2032 година нема да можат да обезбедат ниту минимална пензија, е потврда на катастрофалната состојба во пензискиот систем. Наместо сериозни реформи и стабилизација, Владата посегна по уште поопасен чекор – го доведува во прашање и вториот пензиски столб“, изјави Поповиќ.
Од партијата тврдат и дека Владата планира зголемување на стапката за задолжителниот пензиски придонес со цел пренасочување средства кон ПИОМ, оценувајќи дека тоа претставува опасна политика.
Поповиќ додаде дека јавниот долг расте, а буџетот и Фондот за пензиско осигурување немаат доволно средства за исплата на пензиите, обвинувајќи ја Владата дека ја довела во прашање сигурноста и на сегашните и на идните пензионери.
