Сè повеќе странци студираат високо образование во Бугарија
Се зголемува бројот на странци кои студираат високо образование во Бугарија. Во учебната 2021/2022 година нивниот број изнесува 16.525 лица, што е 8,2 проценти од сите студенти во државата. Во 2013-та година биле двојно помалку – 4,1 процент. Прес-центарот на Министерството за образование и наука соопшти дека тие податоци ги добиле благодарение на проектот за ажурирање на Националната карта на високото образование во Република Бугарија, кој е објавен за јавна дискусија.
Според документот, Бугарија е лидер во целата ЕУ по уделот на странски студенти во медицинските отсеци. 58,5 проценти од оние кои студираат „Медицина“ во земјата се странци.
Вкупниот број на студенти во Бугарија е 200.781. Тоа е помалку од половина (48 отсто) од вкупниот капацитет на сите високообразовни институции во земјата, кои имаат места за 415.472 студенти, утврдени од Националната агенција за оценување и акредитација.
