Се проширува капацитетот на основното училиште „Крум Тошев“ во Трубарево
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, денес заедно со градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, извршија увид во активностите за проширување на капацитетот на основното училиште „Крум Тошев“ во село Трубарево. Станува збор за инвестиција вредна 23 милиони денари, обезбедени од Владата.
„Се доградуваат 3 училници и тоалет, се прошируваат наставничката канцеларија и мензата. Ова е една од оние инвестиции кои ги финансира Владата врз основа на поднесени барања од локалните самоуправи преку повиците за финансирање на капитални инфраструктурни проекти. Инвестицијата ќе се заокружи на почетокот на следната година“, рече Јаневска, додавајќи дека во моментов МОН, Владата и општините финансираат над 80 проекти со кои се подобруваат условите за настава и за работа во училиштата.
Потсети дека уписите на првачињата започнуваат во мај, со достава на документација – потврда за направен офталмолошки преглед, за направен стоматолошки преглед и потврда за примени вакцини, до соодветното училиште каде детето припаѓа по реонизација.
„Апелирам да се почитува реонизацијата и да не се прават притисоци до општинските раководства, за да ги задржиме дечињата да останат таму каде што припаѓаат и да не се случи некои училишта да останат без дечиња, а други да бидат преполни“, додаде Јаневска.

