| |

Се разгледува можност за отворање бугарска радиостаница на југот на Молдавија

Можноста за отворање радиостаница на бугарски јазик во јужниот дел на Молдавија беше разгледана денеска во Кишињев на средба меѓу молдавскиот министер за култура Кристиан Јардан, заменик-министерот за култура на Бугарија Ашот Казарjaн и генералниот директор на Бугарско национално радио Милен Митев, јави молдавската новинска агенција МОЛДПРЕС.

Министерот Јардан изјави дека ќе ги поддржи сите иницијативи на бугарската влада насочени кон помош на бугарската заедница во регионот Тараклија.

„Разговаравме како бугарскиот културен и јазичен идентитет може да се зајакне преку иницијативи што ги зближуваат луѓето и ја одржуваат врската со европскиот бугарски културен простор. Улогата на јавните медиуми во нашите земји во овој процес е многу важна“, изјави Јардан.

Тој го поздрави и намерата на бугарскиот јавен медиум да ги прошири своите програми во јужниот регион на Молдавија.

„Откако минатата година во Тараклија за првпат беше отворен огранок на Русенски универзитет „Ангел К’нчев“, се надеваме дека наскоро бугарскиот јавен медиум ќе ги прошири програмите во регионот, со цел да ѝ помогне на бугарската заедница да го зачува својот идентитет и традиции“, додаде Јардан.

На средбата беа разгледани и мерки за зајакнување на културната и медиумската соработка меѓу Молдавија и Бугарија.



Слични Објави