СЕ САКАТЕ ЛИ ДОВОЛНО СЕБЕСИ, ДЕВОЈКИ, ЖЕНИ, МАЈКИ-КРАЛИЦИ?!

Забава Љубовни приказни

Чудни времиња дојдоа. Можеби и од секогаш било така. Љубовта е најсилното нешто во животот на сите. Единствената вистинска мотивација, единственото нешто што може да те натера да станеш од креветот. Единственото нешто што може да ја победи неволноста, негативноста, мрзеливоста, тагата и реалноста. Реалноста да. За жал можеби ова е многу погрешно. Не смееш да ја победиш реалноста, бидејќи илузијата ќе ти стане господар. Штом илузијата ќе го преземе твојот живот нема како сѐ  да не заврши со крвави солзи. Оние најболните, што не се видливи со око. Оние од душата.

Но зошто секогаш, ама баш секогаш е така? Затоа што илузијата, фантазијата за потрага, пронаоѓање на љубовта секогаш ја спојуваме со друга личност. Каде сме ние тука? Изгубени. Изгубени во потрагата. И никогаш не е доволно. Ништо не е доволно. Ќе најдеме некој, ќе се заборавиме себеси. Сѐ за тој некој, само да се насмее, да бидеме ние секогаш причината за неговото добро расположение… Абе светот на дланка е малку. И во 3 ноќе ако треба пешки ќе тргнеме, на дожд, голи и боси само за да го покриме со ќебенце да не настине…

Не бе другарки не! Не бе девојки, жени, мајки па и љубовници! Не! И не дека имам нешто против машкиот сој, ама доста е со ставање на душата на тацна! Доста е со „слугување“, доста е со расфрлање на љубовта, доста е со пазарење за трошка внимание! Насочете ја сета сила само кон самите вас! Кога сета таа љубов ќе ја насочите кон вашето битие сѐ ќе се промени. Апсолутно сѐ ! Од вас ќе направите среќна, здрава, задоволна, исполнета жена. Убава жена! А на убавата жена нема како а да не и „лижат“ сите по штиклите! Викам по штиклите, бидејќи тие се за таму долу, не токму со вас, не над вас! Никогаш не над вас!

Не се расфрлајте со љубовта наоколу. Бидејќи на крај тие „љубените“ се чувствуваат загушени. А вие никогаш нема да се загушите од самите себе. Бидете кралици за себе. И ако ви паднала до сега круната, денеска е многу убав и сончев ден повторно да ја ставите на главата. Па на кој му одговара бујрум! На кој не, може слободно да го напушти вашиот прекрасен живот. И не заборавајте, секогаш кога една врата се затвора, други две се отвараат! Ве сакам.
БИДЕТЕ СЕКОГАШ НА ТРОНОТ, мои девојки, жени, мајки, БИСЕРИ!

Автор: Мери Стјуарт