Се урна таван во битолско училиште – повредено едно лице, градоначалникот бара одговорност од директорката
Една ученичка е повредена, кога во текот на вчерашниот ден се урнал таван во битолското средно медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“.
За случајот, директорката Наташа Илиева ја известила општината.
Градоначалникот Коњановски по добивањето на информацијата, формира општинска комисија со која извршија увид во училиштето. При извршениот увид, информираат од општината, директорката Илиева кажала дека, тоалетите пред неколку години биле реконструирани со донација, а последниве денови биле воочени проблеми на горниот кат, проследени со извесно прокапување.
„Комисијата изготви записник во кој ја констатира состојбата, а градоначалникот Коњановски, го контактираше семејството на повредената ученичка, при што беше информиран дека, ученичката е исплашена и со родителите е во Клиничка болница, каде се прават испитувања поради болки во раката“, велат од општина Битола.
Коњановски, останува во контакт со семејството, а од директорката Наташа Илиева побара одговорност, поради, како што вели, навремено непреземените мерки и непријавениот проблем.