| |

Селото Мерово-Српското злосторство и албанската трагедија

Пишува: Владимир Перев

Крајот на јуни во Скопје. Пеколни горештини. Не знам што да правам со себе сѝ. Не може човек цел ден да седи во “Зебра“ и да пие кафе. На сета мака одозгора, ми се јавува Ибро. Ајде да одиме пак на Сува гора, ми вели, таму е по ладничко. Има една чешма на месноста Крстец, ќе седнеме да се напиеме ладна вода и да гледаме природа.

Каква природа, па ладна вода, какви ли ми ти глупости. Го одбивам глатко. Чекај, чекај, вели Ибро, со итроманска нотка во гласот, да знаеш и чешмата на Крстец и селото Мерово во близина, биле под бугарска окупација. Прифаќам, знае тој како треба со мене.

До Групчин е пеколно, ама и понатаму, по патот кон Седларево, горештината не стивнува. Стигнуваме на чешмата на Крстец, пиеме вода, гледаме бело во зелените далечини и се токмиме за назад. Ова беше глупост, му велам на Ибро. Па и овде е топло речи си како во Скопје, само што има малку планинско ветре. Нормално, за јадење не носиме ништо, за пиење исто така, нема ни пиво. Ибро и не пие, барем не јавно! Разговорот исто така, не ни врви. Говориме за политика, за албанците, бугарите и србите, најмногу за владата на Мицкоски, ама нема ефект. Нема страсти без алкохол! Тргаме за назад. Во Мерово не ни стигаме.

На враќање, на левата страна од патот, за прв пат забележувам една камена громада од темносив камен. Надгробен споменик, барем така личи. Запирам, личи на меморијална плоча на камен столб. Пишува на албански. Што е ова овде, преведи, му велам на Ибро со стиснато срце. Бугарите биле “окупатори“ си мислам, имало и партизани, веројатно и сега пак ќе читам “тешки реченици“. Читај си сам, знаеш доволно за да разбереш, ми вели нељубезно.

Читам и ми олеснува. Никаде нема bulgare, fassiste и слично. Разбирам. Ми олеснува. На тоа место во 1913 година, српската војска убила околу 25 луѓе од село Мерово. Веројатно тоа биле дејствија на српската армија за завладување на Македонија. Невини луѓе! Можно е да ги бранеле своите домови од освојувачот. Не сакале да бидат “под српско“.

Зад камениот столб со натпис, води прекрасна поплочена патека до вистинскиот, голем споменик. Испишани се имињата на убиените. Се фотографираме со Ибро. Наеднаш, како да никна од земја, се појавува еден човек. Ни се обраќа на албански. Љубезен е.

Ибро го прифаќа разговорот, веднаш објаснува дека јас сум македонец. Разговорот продолжува на мешавина албанско-македонска, често прекинуван со мои прашања. Погледајте зад споменикот, вели Непознатиот. Ќе видите надгробни споменици. Тука србите ги донесле селаните, тука ги стрелале и оставиле. Тука се закопани од нивните соселани. Местото е огромно, ова е приватен имот, вели Непознатиот, ама стопанот го даде местото на гробиштата и за споменикот без да бара ништо. Го подари, вели. Подолу, во другото село, има стрелани од србите над осумдесет души.

На дваесетина метри од споменикот, прекрасна мала викендичка, со кров од панели за топла вода и струја. Тоа е викендичката на стопанот на местото, вели Непознатиот. Често доаѓа тука. Не е некој стар човек, напротив, многу е млад, а го даде местото без пари. Чудно, вели Непознатиот, многу чудно за млад човек во ова време-невреме на алчност.

Се поздравуваме и тргаме за назад. Запираме на една чешма подолу да се разладиме. Ибро ме гледа онака итромански, под око.

Знаеш ли Ибро, му велам јас, вие албанците, ние македонците и србите овде, немаме никакви проблеми да се разбереме. Постоењето на овој споменик е сведоштво за нашето меѓусебно разбирање. Остануваат само проблемите со бугарите.

Ибро ме гледа со раширени очи, чиниш ќе му испаднат, за потоа една иронична насмевка да му го осветли лицето. Потоа, онака меко ми вели: знаеш, ти на овие горештини треба да си седиш дома, топлото време лошо ти влијае на разумот.

Горештината уште држи, а ние се враќаме назад. По пат ништо не говориме. Секој е со своите мисли. Повремено го факам Ибро како ме гледа од страна, ама не вели ништо. До Скопје не проговоривме ни збор. Го оставам пред порта во Чаир и си тргам дома.

Во пеколната врела скопска ноќ, не ме фаќа сон. Прав е Ибро, горештините ми влијаат на мислењето. Се воодушевувам од албанците. За нив, сите кои се бореле под албанското знаме се херои, без оглед со каква идеологија. На Џемо Хаса, балистичкиот водач, убиен од УДБ-а му направија споменик во родната Симница…а и србите, барем сеуште се расправаат за ликот и делото на Милан Недиќ и Ратко Младиќ. Кај нас молк.

Каде сме ние, потомците на хероите од војните, ние едвам 3500 попишани, нас кои овде погрдно не нарекуваат “статистичка грешка“. Каде се спомениците на нашите мртви херои и жртви. Со тешки маки и германска помош се обновија воените гробишта во Прилеп, а со учеството на Милен Врабевски, гробиштата во Ново Село. Истиот оној Врабевски кому лани не му дозволија да влезе во Македонија за да се поклони на “неговите“ гробишта. Каде се спомениците на нашите цивилни жртви.

Македонија е облеана со крвта на невини луѓе, оние кои не сакале да станат робови на српскиот поробувач. Патот од Охрид до Дебар и Кичево е црвен од крвта на борците македонци/бугари и албанци, но и со невината крв на месното население. Неготино во Тиквешкото востание е запалено и уништено, а жртвите се огромни. Цела Источна Македонија е залеана со крвта на борците и невиното население кое не го прифатило ропството.

Жртвите се безбројни. Само во периодот од 1918 до 1934 година Македонија дава 25 илјади жртви. Сето тоа е уредно забележано, со име и презиме на убиените, силуваните, ограбените…забележано во Спомените на Ванчо Михајлов, едицијата Veritas, како и во книгата “Белиот терор…“ на Димитар Галев. Споменик нема никаде, нема обележја ниту за лидерите на ВМРО. Домовите на Тодор Александров и Иван Михајлов не постојат, разрушени се…а нашата национална меморија е полна со лажни митови.

Времето, барем сега за сега, не работи во полза на бугарите во Македонија. Не се проблем само криминалните структури во новата Влада, тука нештата се јасни и обнародени. Најмалку двајца од членовите на владата на Мицкоски, имаат деца и блиски, кои работат во Москва, ни помалку ни повеќе, туку во Министерството за надворешни работи на Руската федерација, работат за Путин.

Не можам да заспијам до раните утрински часови. Стално мислам на зборовите на Непознатиот од Мерово за доблеста на оној млад човек, албанец, кој го подарил земјиштето за споменик.

Прав е Ибро, горештините лошо ми влијаат на здравиот разум…

СТАВОВИТЕ И МИСЛЕЊАТА ИЗНЕСЕНИ ВО РУБРИКАТА „ПОЗИЦИЈА“, НЕ СЕКОГАШ СЕ ИЗРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА ПОРТАЛОТ „ТРИБУНА“

Слични Објави