????????????????????????????????????

Семејството Иванови на одбележување на празникот „Свети Наум Охридски Чудотворец“ на Попова Шапка

/

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, со сопругата Маја и синот Иван, денеска присуствуваше на одбележувањето на патрониот празник „Свети Наум Охридски Чудотворец” во манастирскиот комплекс на Попова Шапка.

Чествувањето започна со света божествена архијерејска литургија со која чиноначалствуваа митрополитот тетовско-гостиварски, господин Јосиф, и митрополитот на европската епархија, Пимен.
Македонскиот претседател, традиционално со своето семејство, присуствува на чествувањето на патрониот празник „Свети Наум Охридски Чудотворец”

– Одбележувајќи го овој празник ние се потсетуваме на неговото дело и се што тој правел за народот. Така што сега треба да го славиме и да го почитуваме тоа дело, да им помагаме на болните, на сиромашните, на изнемоштените, како што тој им помагал, да им дадеме утеха и да бидеме солидарни. Со почитување на делото Св. Наум, посакувам што повеќе да сме сплотени меѓу себе, да сме солидарни, да си помагаме и да мислиме на тие што им е потребна помош и утеха, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

На чествувањето во манастирскиот комплекс на Попова Шапка присуствуваа и министерот за внатрешни работи, г. Оливер Спасовски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, г. Христијан Мицковски.

Запрашан дали ова значи можност да се обединиме и заеднички да ги пребродиме тешките моменти, претседателот Иванов изјави дека секогаш кога сме биле сплотени сме наоѓале решенија и за најтешките проблеми.



Sv.Naum_1- Тоа во историјата сме го имале како позитивен пример. Очекувам, празниците не само да ги славиме, туку и да се обединуваме и да бидеме заедно во сите оние моменти кога треба да покажеме слога, изјави претседателот Иванов.

Митрополит Јосиф на присутните им го честиташе празникот „Свети Наум Охридски Чудотворец” и по повод претстојните божиќни празници, до сите верници упати пораки за здравје, среќа, бериќет, благосостојба и хармонија. Тој изрази благодарност и до претседателот Иванов за неговото присуство на патрониот празник.

За сите верници кои денеска присуствуваа на чествувањето на патрониот празник во манастирскиот комплекс на Попова Шапка беше приредена заедничка трпеза.

Претходна статија

Координативно тело за надворешна контрола на полицијата

Следна статија

Ердоган и Борисов ќе присуствуваат на отворањето на Железната црква

Најново од Вести