Сервер: „Српскиот свет“ на Вучиќ значи уништување на голем дел од Балканот
Студентските протести можат да доведат до промена во Србија, но не сум сигурен дека тоа ќе се случи. Претседателот Вучиќ е мајстор во манипулирање со народните протести: менува министер тука или таму, распишува нови избори, без притоа да ја изложи сопствената власт на сериозен ризик.
Ова за весникот „Данас“ го изјави познатиот американски професор од Универзитетот „Џон Хопкинс“, Даниел Сервер, јави БГНЕС. Според него, Вучиќ тешко дека ќе ја направи грешката што ја направи поранешниот српски диктатор Слободан Милошевиќ, кој веруваше дека ќе победи на релативно слободни и фер избори.
„Вучиќ ќе биде уште повнимателен за да си го гарантира резултатот. Сето ова е дел од обезбедувањето нулт ризик за сопствената власт“, додаде тој.
Во врска со проектот „Српски свет“ и мешањето на властите во Белград во Црна Гора и во Босна и Херцеговина преку Република Српска, тој изјави: „‘Српскиот свет’ е само модернизирана форма на ‘Голема Србија’. Тоа би значело смрт и уништување во голем дел од Балканот денес, како што се случи и во 1990-тите години. Тоа исто така би ставило крај на надежите на Србија за членство во ЕУ. Белград го доведува во прашање просперитетот и безбедноста на сопствените граѓани за да го прошири своето влијание врз соседните држави. Тоа не е амбиција што ќе заврши добро.“
„Тешко ми е да очекувам нешто друго освен понатамошна стагнација во регионалните односи. Најголемата надеж за напредок е приклучувањето на Црна Гора, Албанија и Северна Македонија кон ЕУ. Србија го избра бавниот пат“, вели Сервер.

