(Видео) 119 години од свеченото отворање на Народниот театар „Иван Вазов“ – симбол на бугарската култура и уметност
На 3 јануари 2026 година се навршуваат 119 години од свеченото отворање на зградата на симболот на бугарската култура и уметност – Народниот театар „Иван Вазов“. Театарската зграда е изградена со амбиција да се претвори во средиште на театарската уметност во земјата. До денешен ден таа останува еден од највпечатливите симболи на модерна Софија од почетокот на XX век, јави БГНЕС.
Отворањето на театарот на 3 јануари 1907 година е одбележано со инспиративни зборови на проф. Иван Шишманов, тогашен министер за народната просвета: „Еден млад народ има потреба од облагородувачкото дејство на сцената. Чувствувајте се не само жреци на уметноста, туку и општествени воспитувачи. Величествената зграда сè уште не е театар. Таа ќе стане таква кога ќе биде одухотворена од играта на актерот.“
Идејата за изградба на посебна зграда за државниот театар се појавува уште кон крајот на XIX век. Во 1898 година Народното собрание создава специјален фонд за финансирање на проектот, кој до 1904 година достигнува 350.000 лева. Благодарение на напорите на проф. Шишманов, изградбата започнува на местото на дрвениот театар „Основа“, каде што претходно театарската трупа „Солза и смеа“ ги изведувала своите претстави.
Проектот е дело на познатите виенски архитекти Фердинанд Фелнер и Херман Хелмер. Градежните работи започнуваат на 4 јуни 1904 година, а кон крајот на 1906 година зградата веќе е целосно завршена.
На свеченото отворање во 1907 година Иван Вазов пишува специјален пролог со наслов „Слава на уметноста“, а програмата ја вклучува историската драма „Иванко“ од Васил Друмев и „Свечена увертира“ од Добри Христов.
