Северна Македонија не дозволи влез на бугарски новинари во земјава
Граничната полиција на Северна Македонија денеска не дозволи влез на територијата на државата, на екипата на агенцијата БГНЕС (Антон Станков и Велислав Илиев).
По повеќекратно враќање кон зградата на граничниот премин Делчево /Станке Лисичково од бугарска страна – забелешка ред./ дежурниот полицаец не дозволил влез на екипата со образложение дека „нема дозвола од Министерството за информации во Скопје“. Од почетокот на годината, истиот тим во повеќе наврати ја посетувал РСМ без посебни акредитации или други видови дозволи од Министерството за информации. По долга „проверка“, засрамените гранични полицајци на граничниот премин Делчево објасниле на екипата на БГНЕС дека „најпрвин треба да поднесат барање до Министерството за надворешни работи на Бугарија, кое по проценка треба да се обрати до македонското Министерство за информации, кое потоа ќе одлучи дали да даде акредитација“.
На европскиот континент слични практики за попречување на работата на новинарите постојат само на територијата на Белорусија, пишува во материјалот на БГНЕС.
Ова не е прв ваков инцидент со непуштање бугарски новинари во РСМ. Оваа практика првпат беше воведена во времето на Бранко Црвенковски, а нагло ескалира во претходната администрација, кога на десетици бугарски новинари не им беше дозволено да известуваат за годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Тогаш мотивот беше „прекин на струјата“, на следниот ден министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ја награди полицијата за добро завршената работа.