ШАЛЕНБЕРГ: 119 000 ДОЗИ ВАКЦИНИ НА БИОНТЕК/ФАЈЗЕР ЗА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Австрија веднаш го прифати барањето на Европската комисија во февруари за координација при испорака на вакцини за Западен Балкан, бидејќи регионот е приоритет за австриската надворешна политика, изјави шефот на австриската дипломатија Александер Шаленберг.
Станува збор за програмата на ЕУ за помош на соседните земји и Африка, со која Виена ќе координира за шесте земји од Западен Балкан, и од мај до август во регионов во неколку транши ќе испрати 651 000 дози на антиковид вакцината на Бионтек/Фајзер, од кои 119 000 за Северна Македонија.
– За оваа цел пред неколку дена ги склучивме договорите со сите шест партнери од Западниот Балкан, откако ги решивме сите прашања поврзани со самата испорака и правните аспекти. Австрија однапред ќе ги финансира вакцините. Земјите од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија, ќе бидат финансирани преку средства од ИПА II што Европската комисија ги одобри при крајот на декември минатата година. Така, сите 119 000 дози за Северна Македонија ќе претставуваат донација од страна на Европската унија и нејзините земји-членки, вели Шаленберг.