| |

Шаленберг: Доколку се одложат уставните измени, РСМ ќе се соочи со изолација

Нашата порака е едноставна и силна – нема време за губење, би сакале да продолжите со неопходните уставни измени за продолжување на преговорите за членство. Одложувањето на усвојувањето на амандманите значи одложување на пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ. Ова денеска го изјави министерот за надворешни работи на Австрија, Александар Шаленберг, кој заедно со министерот за надворешни работи на Чешка и министерот за надворешни работи на Словачка престојуваат во посета на Скопје.

Шаленберг истакна дека „би било штета Скопје, по истрчаниот тежок маратон, да се сопне на последната пречка“.

„Заедно изминавме долг пат и надминавме многу тешкотии. Задача на сите граѓани на оваа земја е овие напори да не се залудни. Доколку не ги прифатите уставните измени и не продолжи европскиот пат, Северна Македонија се соочува со опасност да биде изолирана. Чекавте 18 години за да дојдете до овој момент и сега останува да го искористите моментот и да бидете политички одговорни, на прво место да ги ставите националните, а не партиските интереси“, рече министерот на прес-конференција.

Решението може да дојде само од вас, нема да дојде од Брисел, Виена или Братислава, а ве уверувам дека нема да дојде ниту од Софија“, рече Шаленберг.

Тројцата шефови на дипломатии изјавија дека се овластени од високиот претставник за надворешни работи на Европската унија, Жозеп Борел, да ги пренесат официјалните позиции на ЕУ за прашањата поврзани со европското досие за пристапување на земјата.



Слични Објави